Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска изврши увид во работите за регулација на коритото на Сува Река во Општина Сарај. Проектот опфаќа регулација на околу 12 километри од речниот тек, од патот за Бојане, преку Глумово, до вливот во реката Треска.
За помалку од три месеци од почетокот на работите, реализирани се 20% од проектот, за кој Министерството обезбеди над 379 милиони денари. Со реализацијата на проектот ќе се намали ризикот од поплави, да се заштитат домовите, имотите и обработливото земјиште и да се придонесе за почиста и побезбедна животна средина за жителите на овој регион.
„Овој проект е важен затоа што одговара на долгогодишните потреби на граѓаните. Фактот дека за помалку од три месеци се реализирани 20% од проектот покажува дека работите напредуваат. Денеска сме на терен за да ја следиме реализацијата и да се увериме дека активностите продолжуваат согласно планираното. Нашата обврска не завршува со обезбедувањето средства и започнувањето на работите. Таа подразбира одговорно следење на секоја фаза, сè до завршувањето на проектот“, истакна министерот Хоџа.
Тој нагласи дека соработката меѓу централната и локалната власт е важна за навремено спроведување на инфраструктурните проекти што директно влијаат врз квалитетот на живот на граѓаните.
Регулацијата на Сува Река е дел од пошироките инвестиции во животната средина и комуналната инфраструктура, кои претставуваат темели на зелениот пресврт и создаваат услови за позаштитени населени места и одржлив развој на општините.
Текстот Хоџа: Регулацијата на коритото на Сува Река се одвива забрзано, решаваме долгогодишен проблем во Сарај е превземен од МАКФАКС.