
Македонската фудбалска репрезентација до 17 години со победа ги започна настапите во првата квалификациска рунда за пласман на Европското првенство 2027 година. Младите македонски фудбалери приредија вистински пресврт и славеа против Унгарија со 3:2, иако на почетокот од второто полувреме имаа негатива од два гола.
Апсолутен херој на Македонија беше Стефан Ристиќ, кој со три погодоци го предводеше националниот тим до голем триумф. Избраниците на селекторот Иљами Исејни покажаа карактер и борбеност, а наградата за упорноста пристигна во самиот финиш од натпреварот.
Унгарците поведоа уште во 8. минута преку Арон Хорват, а Македонија во продолжението од првото полувреме се обидуваше да стигне до израмнување. Полимац, Ристиќ и Крстевски имаа свои обиди, но резултатот не се промени до паузата.
Почетокот на второто полувреме донесе нов удар за нашите надежи. Капитенот на Унгарија, Тимот Фаркаш, во 48. минута ја затресе македонската мрежа за водство од 2:0.
Сепак, Македонија не се предаде. Во 55. минута Стефан Ристиќ намали на 2:1 и го врати неизвесниот тек на натпреварот. Нашите фудбалери продолжија да напаѓаат, а по обидот на Велевски во 66. минута, израмнувањето конечно пристигна во 86. минута.
Ристиќ повторно беше на вистинското место, овојпат по асистенција на Матеј Николов, за 2:2 и голема радост во македонскиот табор.
Но, тука не беше крајот! Во четвртата минута од судиското продолжение, Ристиќ го комплетираше својот хет-трик и донесе целосен пресврт за конечни 3:2. Македонија од негатива од два гола стигна до триумф со кој на најдобар можен начин ги отвори квалификациите.
Македонија е дел од групата 11, која се игра во Трабзон, Турција, од 11 до 17 ноември 2026 година. Покрај Унгарија, противници на нашата селекција се домаќинот Турција и Сан Марино.
Следниот предизвик за избраниците на Иљами Исејни е дуелот со Сан Марино, закажан за 14 ноември, додека квалификацискиот турнир ќе го затворат на 17 ноември со натпреварот против Турција.
Пласман во втората квалификациска рунда, односно Лига А, ќе обезбедат двете првопласирани репрезентации од секоја група. Останатите селекции ќе продолжат во Лига Б.
Во пролетниот дел од 2027 година, 28 репрезентации во Лига А ќе се борат за седумте места на завршниот турнир. Победниците на седумте групи ќе обезбедат пласман на Европското првенство до 17 години, кое ќе се одржи во Летонија од 24 мај до 6 јуни 2027 година.
Со оваа победа и хет-трикот на Ристиќ, Македонија испрати јасна најава дека има што да покаже во овие квалификации.