
Два хеликоптери и противвоздушни системи треба да пристигнат до крајот на годината за потребите на Армијата на Македонија. Паралелно се очекуваат и 10 оклопни возила од Турција, над 4.000 униформи и друга опрема, најави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски во изјавата од касарната во Штип. Тој посочи дека сите оклопни возила „Страјкер“ веќе се пристигнати во земјава, а се работи на нивно ставање во функција. Во изјавата како што рече пристигнати се и сите „ЏиоТи“ возила, додека во тек се постапки за набавка на дополнителна опрема и оружје.
„Во делот на модернизација што ме спомнавте и колку опрема ќе стигне: оваа година пробуваме да ги завршиме најголемите проекти. Еве, сите Страјкери стигнаа во државата. Очекувам дека до крајот на следниот месец комплетно сè ќе биде завршено за адаптација на тие возила каде што може да ги претставиме. Веќе се потпиша решението каде што треба да се направи она што е потребно да се стават во функција.
Исто така, до крајот на годината треба мистрал системите дополнително целосно да стигнат, најголем дел од нив. Исто така треба да стигнат два хеликоптери. Имаме многу тендери исто така за за оружје. Имаме постапки со Европскиот мировен фонд, каде што ќе бидете сведоци сите да видите колку опрема стига и паралелно дополнително ќе стига.
Но, исто така ги менуваме и сите стратешки документи паралелно во овој момент, каде што правиме нов план за модернизација, каде што ќе имаме можност да купуваме и нови, современи системи, но и системи со поголема огнена моќ. И тоа го работиме и мислам дека од следната година ќе видите дека ќе имаме многу договори каде што навистина ќе се издигне Армијата на едно, би рекол, највисоко ниво во историјата. Но, чекор по чекор тоа го работиме паралелно и ќе бидете сведоци на многу проекти.“, рече Мисајловски
Министерот Мисајловски дополнително посочи дека во постапка е и обезбедување 4.000 пара чизми, кои треба да пристигнат исто до крајот на годината. Рече дека се работи на секое поле, како инфраструктурно, така и во модернизацијата.
„Исто така, ги земавме и ЏиоТи возилата, сите се пристигнати тука во Македонија. Очекуваме и 10 оклопни возила од Турција да стигнат. Паралелно се работи тендерот за униформи, каде што, еве, во завршна фаза се да стигнат преку 4.000 униформи. Во постапка е исто така за околу 4.000 пара на чизми да стигнат — иако има во постапка жалба, ќе почекаме да заврши, па тогаш ќе се одбере фирма, па до крајот на годината и тоа дополнително. Работиме на секое поле! Исто така, како во инфраструктурата, така во модернизацијата, така на секое поле. Даваме сè од себе и се надевам дека видливи се резултатите.“, подвлече Мисајловски
Очекувањата се дека со новата опрема и планираните набавки, Армијата ќе продолжи да се опремува и модернизира. Од Министерството велат дека работата продолжува, а во периодот што следи се најавуваат уште проекти и нови договори за зајакнување на армиските капацитети.
Иван Митев, М-Нет