
Третолигашите продолжуваат со одигрување на пријателски натпревари пред почетокот на пролетната полусезона.
Денес на Градскиот стадион во Виница пријателски натпревар одиграа третолигашот Слога и Превалец.
Овој натпревар заврши со убедлив триумф од 4:0 за екипата на Слога предводена од Крсте Крстев. Стрелци на погодоците беа Октај Амедов, Давид Ристовски, Давид Манџуковски и Игор Ѓорѓиев.
Во првиот дел од натпреварот екипата на Слога настапи со млади играчи кои потекнуваат од Виница со што шанса добија и младите фудбалери, а во вториот дел Слога настапи со првиот тим.
Во пролетната полусезона екипата на Слога во Трета лига – Исток ќе се бори за експресен кам-бек во Втората лига, откако есенскиот дел го заврши на 4. место со 11 бодови и има негатива од девет бода во однос на непоразениот лидер Вардарски од Богданци. Во првото пролетно коло Слога на домашен терен ќе игра против Дојранско Езеро.
Превалец есенскиот дел од Трета лига – Југ го заврши на 3. место со 23 бодови и има само два бода негатива во однос на лидерот Големо Коњари. Во првото пролетно коло Превалец е слободен, а потоа ќе игра против Питу Гули на домашен терен.


Александар Ванев, М-Нет