(Фото) Од последиците од невремето се создава нова вредност за Водно и Скопје – во подготовка нов моторички парк од дрвјата паднати во невремето

Градот Скопје продолжува со активностите за санација на последиците од силното невреме што неодамна го зафати главниот град, при што покрај расчистувањето на штетите, се реализираат и проекти кои создаваат нова вредност за граѓаните.

Наместо здравите делови од дрвјата што беа соборени од невремето да завршат како отпад, тие добиваат нова намена. Од нив на Водно се изработува нов моторички парк – простор со природни препреки и реквизити, наменет за развој на рамнотежата, координацијата, агилноста, прецизноста и физичката подготвеност, извести Градот Скопје.

„Моторичкиот парк ќе биде достапен за деца, млади и возрасни, нудејќи можност за рекреација, физичка активност, дружење и повеќе време поминато во природа.

Паралелно со оваа активност, на местата каде што се отстранети паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници, а во втората половина на септември ќе започне и голема есенска акција за пошумување на Скопје.

Проектот е дел од пошироките активности за обнова и унапредување на Водно. Во изминатиот период започна уредување на пешачките патеки и обнова на урбаната опрема, која со години беше запоставена.

Во насока на зголемување на безбедноста на посетителите, на Водно и Матка веќе функционира и Планинската спасителна служба, која е подготвена за брзи и професионални интервенции во планински услови.

Со овие активности, Градот Скопје продолжува да инвестира во зачувување, обновување и унапредување на Водно како едно од најзначајните природни богатства на градот, создавајќи нови содржини што ќе им служат на сите генерации граѓани“, се наведува во соопштението на Градот Скопје.

Текстот (Фото) Од последиците од невремето се создава нова вредност за Водно и Скопје – во подготовка нов моторички парк од дрвјата паднати во невремето е превземен од МАКФАКС.