
Второлигашот Арсими ги започна подготовките за пролетниот дел од Втората македонска фудбалска лига. Арсими е дебитант во второлигашкото друштво и одигра солидна есенска полусезона, па во пролетниот дел влегува за што поголеми успеси, откако минатата сезона Арсими обезбеди место во Втората лига, совладувајќи го Овче Поле во бараж мечот кој гледачите на телевизија М Нет го следеа во живо.
Шефот на стручниот штаб Вилдан Салиу пред три дена го имаше првиот собир со фудбалерите и се одработи првиот тренинг, а на располагање беа сите играчи и новите засилувања.
Арсими досега промовираше три засилувања за пролетниот дел. Амар Емурли беше првото засилување за Арсими, а тој во Чегране доаѓа да го засили средниот ред на тимот предводен од Салиу.
20-годишникот доаѓа од редовите на Силекс, а во својата кариера има настапувано и за младите категории на Шкендија, беше дел од првиот тим на Ренова со кој има 13 прволигашки натпревари.
Мурат Адили го засилува нападот на Арсими, а 30-годишникот доаѓа од редовите на Беса од Добри Дол. Адили има настапувано за Охрид, Борец, Кораб, Велазерими, Феризај во Косово, Ренова, Зајази и Врапчиште. Со своето прволигашко и меѓународно искуство, Адили ќе биде големо засилување во нападот на второлигашот од Чегране.
Али Али во Арсими доаѓа од екипата на Ренова и го засилува нападот. Талентираниот напаѓач ги помина сите категории во Ренова, а тој е дел од фудбалската репрезентација на Македонија до 19 години, а беше дел и од првиот тим на Ренова.
Како што дознава телевизија М Нет во следните денови Арсими ќе промовира уште неколку засилувања.
Од клубот се надеваат и силно веруваат дека пролетната полусезона ќе биде позитивна како и есенската полусезона.
Арсими есенскиот дел го заврши на високото осмо место со 20 освоени бодови, а пролетниот дел го отвара против Вардар на гостински терен.


