ФК „Брегалница“ – Штип за 100 годишниот јубилеј со нов стадион

Фудбалскиот клуб Брегалница од Штип навлезе во годината во која го слави големиот јубилеј 100 годни од формирањето на клубот. Почетокот отсекогаш бил тежок, тогашните напредни младинци набавиле топка, но за игра се потребни, стадион, терен, стативи, трибини и друга неопходна инфраструктура. Повозрасните штипјани посочуваат дека првото фудбалско игралиште во предвоениот период било на ридот Бело Брдо кој денес пркосно штрчи како едно современо фудбалско здание кое треба уште да се надградува. Тогаш како соблекувална на фудбалерите им служела тогашната соколана ( денешен театар) и од таму опремени играчите се упатувале кон игралиштето на Бело Брдо. По втората светска војна се гради теренот крај река Брегалница а првиот натпревар се игра во 1947 година.

Дури во 1961 година со работна акција на која учествуваат многубројни граѓани се поставуваат првите бусени со што се добиваат првите т.н. модерни контури. Со доаѓањето како Директор на Никола Караколев на тогашното Јавно претпријатие Градска чистоќа, градскиот стадион го добива современото руво со изградба на првата соблекувална и со оградување на целиот стадион со цигли.. Тоа се незапамтени ударнички акции на огромен број фудбалски фанатици кои фудбалската игра ја чувствуваат како најважна споредна работа на светот. Самиот стадион отсекогаш се одликува со огромна и масовна посетеност на фудбалски настроени навивачи кои покрај натпреварите се сведели и на огромното езеро во пролетта 1962 година кога водата од река Брегалница се пролеа ширум целиот терен. Но и тоа не беше пречка Брегалница да јуриша и да ја пренесува славата на фудбалски Штип ширум Југославија За новите фудбалски благодети фудбалерите на Брегалница се оддолжуваат со пласман на својата екипа во Втората Сојузна лига на Југославија. Квалификациските средби на Брегалница со црногорскиот шампион Титоград се вистински празник за Штип и за околните градови.

За жал во најголемиот подем на Брегалница, градот Штип го доживува најтешкиот удар откако фудбалска експедиција на Брегалница доживува сообраќајна несреќа кај селото Мурино на 2 Јули 1964 година. На пат кон Титоград на реванш средба, многу играчи од автобусот на Брегалница се повредени, кои полесно некои потешко, но за жал Никола Караколев оваа фудбалска експедиција ја наплаќа со најскапоценото, со својот живот, подлегнувајќи на тешките повреди во Титоградската болница. Никола Караколев заминува, но неговиот завет како „технико“ играчите го надградуваат со грандиозен успех, победа подоцна против Титоград и со пласман во Втората лига.

Тоа се незаборавни денови кои повозрасните штипјани до ден денес ги паметат, ги раскажуваат и еве ние како Мнет ТВ ги презентираме на помладите генерации. Токму во годината на 100 годишниот јубилеј штипска мала, но одбрана дружина во Управниот одбор на ФФМ се избори за Хет – Трик програмата на УЕФА и градскиот стадион влезе во програмата за добивање на нов современ лик, изградба на трибини кои наскоро ќе привлечат на мегдан во Штип и познати интернационални екипи и секако национални репрезентации. Ова е само мал напор на спортската редакција на Мнет ТВ за популаризација на фудбалската игра во Штип и пошироко и во наредниот период ќе следуваат нови и содржајни приказни а поврзани со градскиот стадион во Штип.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk