
Фудбалскиот клуб Брегалница од Штип преку соопштение се огласи и остро реагираше дека никој не смее да го користи името Брегалница во ниту еден контекст во својот назив и номенклатура доколку нема дозвола од Фудбалскиот клуб Брегалница 2008 АД Штип.
„Почитувани,
Сакаме да ја известиме јавноста, а посебно родителите на дечињата кои тренираат во ФК Брегалница дека школата на нашиот клуб продолжува со работа со генерациите од 2012 до 2018 година под водство на нови лиценцирани тренери.
Исто така, сакаме да Ве известиме дека младинската школа на брендот ФК Брегалница нема допирни точки и ништо заедничко со новоформираниот клуб Брегалница Кидс. Покрај ова, напоменуваме дека ниту еден друг фудбалски колектив НЕ СМЕЕ да го користи името Брегалница во ниту еден контекст во својот назив и номенклатура доколку нема дозвола од Фудбалскиот клуб Брегалница 2008 АД Штип. Доколку не се почитува наведеното, понатаму ќе бидат превземени соодветни правни дејствија.
Нашиот клуб е на ‘стабилни нозе’ и тој факт никогаш не бил ставен под знак прашалник. Со посебен акцент се работи со младинските категории и клубот функционира како секој професионален спортски колектив.
ФК Брегалница е колевка на фудбалот на Истокот во Македонија, а школата на ФК Брегалница од секогаш била расадник на многу фудбалери и фудбалски имиња кои оставиле траг во Мак фудбалот, и тој тренд ќе продолжи со сигурност“, се вели во соопштението на ФК Брегалница.
Дополнително, штипскиот второлигаш истакна дека младинската школа на брендот ФК Брегалница нема допирни точки и ништо заедничко со новоформираниот клуб Брегалница Кидс.
Од ФК Брегалница информираат дека школата на штипскиот фудбалски бренд продолжува со работа со генерации од 2012 до 2018 година под водство на нови лиценцирани тренери.
Александар Ванев, М-Нет