
На денешната прес конференција на Ракометната федерација на Македонија и официјално ракометната легенда Филип Миркуловски беше претставен за нов спортски координатор на машките селекции.
Популарниот „Жути“ веќе ја превзема новата функција, а на прес конференцијата нагласи дека е среќен што повторно се враќа да работи во македонскиот ракомет после долги години, истакна дека ќе биде фокусиран на работата и развојот на младите ракометари.
„Убаво е да се видат познати лица после долги години назад во Македонија. Благодарност до претседателот и генералниот секретар на федерација што ми ја укажаа довербата за ваква витална функција во македонскиот ракомет. Како и секогаш јас сум тука да дадам се од себе и своето знаење со моето искуство кое го стекнав во Германија долги години и моето интернационално искуство. Моја примарна цел ќе биде развојот на младинските категории, бидејќи А селекцијата веќе има поставено добри поставени темели и принципи на работа, тука сум да ги искоординирам и сите селектори што се на сите категории, мора,е да ја подобриме комуникацијата меѓу сите селектори, да изградиме еден единствен систем и принцип на работа што ќе биде доста полесно понатаму во А селекцијата“, изјави Миркуловски.
Претседателот на РФМ, Александар Стефанов истакна дека федерацијата и министерството имаат одлична соработка, а притоа истакна дека Македонија е најбројна оваа година со претставници во ракометна Европа.
„Соработката со министерството и министерот е одлична досега каква што и треба да биде на ниво на федерација и министерство, но и јас лично така со министерот. Мислам дека Македонија е најбројна оваа година со претставници во машка и женска конкуренција во Европа. Десет екипи, тоа е навистина за пофалба, да се надевам клубовите, но и лигата од септември, вака по тоа како се екипираат клубовите особено во машка конкуренција навистина се со импозантни ростери и се надевам дека сите ќе имаат успешно претставување во европските Купови. Годинава Алкалоид го освои ЕХФ Купот, во иднина тоа може да биде Еурофарм Пелистер, Вардар, Охрид, Бутел, Тиквеш, во женска конкуренција се Чаир, Ѓорче Петров, Металург“, вели Стефанов.
Новата сезона во машката Суперлига ќе започне во првата недела од месец септември, а годинава конкуренцијата за титулата ќе биде навистина неизвесна, а ќе има голема борба и за место во плеј-офот, како и во борбата за опстанок во ракометната елита.
Александар Ванев, М-Нет