
Благодарност до сите инволвирани страни искажа директорката на Фондот за здравство, Магдалена Филиповска Грашоска, на денешниот брифинг на кој зборуваше за нападот во изминатиов период. Посочи дека техничкиот проблем е забележан ан 6 февруари, па образложи какви чекори презеле тие како институција. Потенцираше дека податоците не се одлеале од Фондот.
„На 06.02 во Фондот е забележан технички проблем поради кој се исклучени сите системи и повикан е тим за првична дијагностика. Инцидентот е пријавен првенствено во МВР а јавноста веднаш беше известена дека имаме проблем кој се обидуваме да го дијагностицираме. Веднаш штом се утврди од страна на ИТ експертите дека станува збор за сајбер напад, јавноста беше известена, а сите расположиви ИТ капацитети беа ангажирани со цел да се врати системот во функција. Морам да посочам дека имавме огромна поддршка од партнерските европски земји, работеа деноноќно експертите и целиот овој предизвик го надминавме заеднички, со успешна приказна. Најважната работа која треба да се спомене тука е дека според сите анализи на ИТ експертите, нема одлевање на податоците на граѓаните. Граѓаните да се спокојни, податоците не беа украдени, тоа се шпекулации, податоците се безбедни и заштитени во Фондот. Во моментов тече истрагата за сите детали, и кога истата ќе заврши ќе биде можно да се споделат и повеќе информации“, истакна директорката.
Исто така, Филиповска Грашоска посочи дека системите се вратени во нормала и со тоа се исплатени сите плати, породилно, боледувања и други рефундации. Фондот и во изминатиов период работел на тоа правото на здравствена заштита да не му биде ускратено никому.
„Исто така, системите на Фондот се вратени речиси во нормала и исплатени се и платите на здравствените работници, но и породилното, боледувањата и разните рефундации. Ги споменав преодните решенија. Вработените во Фондот работеа неуморно овие две недели за да ги создадат условите за тие преодни решенија додека да се реши проблемот, се со цел на ниеден граѓанин да не му биде ускратено правото на здравствена заштита. Тоа значеше дека и вработените, но и на граѓаните и здравствените работници мораа да поминат низ неколку чекори плус, но брзата реакција на сите чинители, овозможи граѓаните практично да немаат застој во остварувањето на правата. Сите покажаа разбирање за сериозноста на проблемот со кој се соочивме и токму заради тоа разбирање успеавме да го надминеме проблемот за две недели, што како што напоменав е исклучително брз период“, додаде Филиповска Грашкоска.
Таа посочи дека Фондот работи и на внес на заостанатите информации во овие две недели, по што ќе се прави подетална анализа и процена, а и дека Фондот ги има преземено сите чекори за понатамошна заштита од вакви напади.
Ребека Спасова М-Нет