
Наместо досегашните седум дена, матичниот лекар ќе може да му отвори на пациентот боледување до пет дена, врз основа на медицинска проценка. Во исто време, се заоструваат контролите, па ќе може да се проверува дали пациентот навистина е дома додека трае боледувањето. Во одредени случаи, боледувањето ќе може да се утврди и без пациентот физички да оди кај лекар. Се предвидува и поголема дигитализација на евиденцијата и документацијата. Станува збор за предложени измени кои допрва треба да ги разгледа Управниот одбор на Фондот.
„Не ги менуваме правилата за да го ограничиме боледувањето. Ги менуваме за да направиме јасна разлика меѓу право кое мора да биде заштитено и злоупотреба која не смее да биде платена од парите на осигурениците. Правиме систем кој е поедноставен за оправданите случаи, а построг таму каде што има злоупотреба.“, кажа директорот на ФЗО Златко Перински
Како што дополнително наведуваатод фондот, целта е да се воспостават појасни и посовремени медицински критериуми, да се олесни постапката за пациентите кои имаат реална медицинска потреба од боледување и истовремено да се зајакнат механизмите за спречување на неоправданото користење на ова право.
Иван Митев, М-Нет