ФЗО во Љубљана: Нов чекор кон поефикасно лекување и посилна регионална соработка

Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, м-р Златко Перински, учествува на првата заедничка конференција на јавните заводи и фондови за здравствено осигурување од земјите од поранешна Југославија, што се одржува во Љубљана, во организација на Заводот за здравствено осигурување на Словенија.

Конференцијата претставува значаен чекор кон посилно регионално поврзување на институциите што управуваат со задолжителното здравствено осигурување и отвора простор за размена на конкретни искуства и решенија за прашања што директно влијаат врз осигурениците.

Во фокусот на разговорите се поефикасното управување со средствата од здравственото осигурување, обезбедувањето поповолни цени за лекови и медицински помагала, како и унапредувањето на механизмите за контрола и откривање неправилности при наплатата на здравствените услуги.

Посебно внимание е посветено и на можностите за посилно меѓународно поврзување на фондовите и заводите за здравствено осигурување преку AIM – Меѓународната асоцијација на здравствени организации, со цел размена на добри практики и заедничко справување со предизвиците со кои се соочуваат системите на здравствено осигурување.

Нов чекор во соработката меѓу ФЗО и Словенечкиот завод

На билатералната средба посебно беше отворено и прашањето за македонските студенти кои студираат во Словенија. Се разговараше за можностите за унапредување на нивната здравствена заштита и обезбедување дополнителни здравствени услуги за време на студискиот престој, во рамки на соработката меѓу двете институции.

Како следен конкретен чекор, до крајот на 2026 година се планира средба на претставници на ФЗО и Заводот за здравствено осигурување на Словенија, на која треба да се работи на усогласување на двојазичниот образец за упатување на лекување.

Истовремено, ќе биде разгледана и можноста за склучување договор или меморандум за соработка во областа на упатувањето на осигурени лица на лекување меѓу двете држави.

Со ваков акт би се прецизирале процедурите, постапките и начинот на реализација на упатувањето на лекување, со цел правата на осигурениците да се остваруваат поефикасно, а институционалната соработка меѓу ФЗО и словенечкиот Завод дополнително да се унапреди.

За Фондот, регионалната и меѓународната соработка има практична вредност тогаш кога размената на искуства се претвора во подобри решенија за осигурениците – поефикасни процедури, подобро управување со средствата, поголема контрола и полесно остварување на правата од здравственото осигурување.

Текстот ФЗО во Љубљана: Нов чекор кон поефикасно лекување и посилна регионална соработка е превземен од МАКФАКС.