Фаворитот Кочани се „распука“ во Охрид, Порече со „петарда“ за Слободен, Плачковица ремизираше со Вардар!

ФОТО: Александар Ванев, Телевизија М Нет | АРХИВА

На стартот од првото коло од новата сезона во Втората женска фудбалска лига, големиот фаворит за освојување на првото место кое директно води кон Прва лига, екипата на Кочани со 1:5 го декласираше тимот на Билјанини Извори среде Охрид.

Новото засилување кое доаѓа од Првата лига од екипата на Шкендија, која се распадна Афродита Салихи постигна два погодоци, како и Ангела Стојковска, а пак Елеонора Митреска си постигна автогол.

За охридскиот тим стрелец на единствениот гол беше Марија Јулчовска постигнат во 70. минута.

Уште една убедлива победа на стартот од сезоната забележа Порече од Македонски Брод, откако со 0:5 го декласираше дебитантот Слободен. Јована Ѓорѓиоска Блажеска сама го победи Слободен, откако постигна четири погодоци, а петтиот гол беше дело на Тајна Грозданоска за конечни 0:5.

Екипата на Слободен за првпат се натпреварува во Втората лига, а како нов тим на стартот од сезоната доживеа дебакл.

На стартот од сезоната фаворитот Вардар се сопна со што вицешампионот од ланската сезона мораше да се задоволи само со бод, откако одигра 2:2 со радовишка Плачковица.

Девојките на Теодора Димитровска во два наврати бркаа негатива, откако тимот од Радовиш преку Марија Бојкова која е повратничка во Плачковица во 10. минута ја стресе мрежата за 0:1. По седум минути игра Елена Костадиноски постигна гол за 1:1 на полувреме.

Во вториот дел Плачковица дојде до нова предност од 1:2 со голот на Викторија Стојаноска, а во финошот на мечот Теодора Јанковска погоди за 2:2.

Фаворитот Вардар кој лани не го помина баражот за влез во Прва лига, откако загуби од прволигашот Топ Гол мораше да се задоволи само со бод.

Колото ќе се комплетира утре со мечот меѓу Победа Валандово 16 и Борец, натпревар кој ќе се одигра во Валандово.

Александар Ванев, М-Нет