
Утре, на Томина недела, верниците масовно ќе ја посетат црквата Света Недела, позната како Мирјанина црква во Штип. Со традиционалниот поздрав „Христос Воскресна – Навистина воскресна“, кој се користи сe до Спасовден, ќе си разменуваат вапсани јајца и ќе си посакаат здравје, мир и благосостојба. Граѓаните велат празникот носи посебна атмосфера, оти по Велигден, со будењето на природата, во градот се враќаат славејчињата и ластовичките, сонцето е потопло, а се чувствува и новата позитивна енергија.
Томина недела или Нова недела, Антипасха, во западното христијанство како Бела недела или Мал Велигден— значаен христијански празник кој се прославува во првата недела по Велигден и е посветен на светиот апостол Тома. Кога Исус Христос се јавил на апостолите, Тома не бил со нив, а кога тие му кажале дека го виделе учителот тој не поверувал и им одговорил:„Дури не ги видам клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“.Поради тоа, апостолот Тома е наречен Неверен Тома. По осум дена кога и Тома бил со другите апостоли Христос пак им се јавил при што посебно му се обратил на Тома:„Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив но верлив!“На тоа Тома одговорл и рекол:„Господ мој и Бог мој!“ Исус му рече: „Тома, ти поверува, оти ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“
Иван Митев, М-Нет