Утре е големиот празник Преображение Господово – ден кога се осветува првото грозје

Утре е големиот празник Преображение Господово – ден кога се осветува првото грозје, а верниците се преобразуваат во духот на верата и надежта. Овој празник менува ден, но не и датум и секогаш се паѓа на 19 август, ден кога Христос го покажал своето божествено лице пред тројцата апостоли – Петар, Јаков и Јован. Тоа се случило на планината Тавор, обвиткан со небесна светлина, во момент што го најавува воскресението, но и вечниот живот. Им го покажал Своето царско достоинство пред страдањата, и Својата моќ пред смртта, и Својата слава пред понижувањето, и Својата чест пред бесчестењето, така што кога ќе биде фатен и распнат да знаат дека не бил подложен на маки поради слабост туку доброволно, заради својата пожртвувана љубов и за спасение на светот

Овој празник не е само духовен симбол – тој е и дел од длабоко вкоренета народна традиција. Според обичајот, на Преображение првпат се бере и се осветува новото грозје, кое до овој ден не се вкусува. Со себе, луѓето носат кошнички со најубавите зрна во црква, верувајќи дека благословеното грозје носи здравје, бериќет и мир во домот.

Старите велат – какво е времето на Преображение, таква ќе биде и есента. А каков си со душата на овој ден – таков ќе останеш до Божик.

Преображение е повик. Да се преобрази срцето, да се исчисти мислата, да се остави зад себе сè што е темно и тежко. Да се направи чекор напред – кон добрината, кон вистината, кон светлината. Постот нѐ повикува кон духовни подвизи, кон воздржание, задлабочување во молитвата, себезаборав заради повнимателно служење на другите. Постот нѐ повикува кон покајание, налик на преминот преку смртта. И празникот на Преображението ни напомнува дека преку тој премин, Христос нѐ воведува во радоста на Воскресението, во Богородичната пасха, која ни сјае на крајот од постот. Христос се преобрази и нѐ повикува да Го следиме, но претходно е потребно, како апостол Петар, да проникнеме во тајната на Крстот

Утре храмовите ќе бидат полни со верници. Ќе се чекаат литургиите, ќе се крстат челата, ќе се молчи со внатрешна молитва. Зашто празникот е голем – и не е само спомен на едно чудо од минатото, туку повик секој од нас денес да направи свое, лично преобразување.

Иван Митев, М-Нет