
Условите за тикви – балки оваа година одлични, погодено место и доволно влага и сонце. Род има, но побарувачката по пазарите е слаба, бидејќи граѓаните немаат пари, велат произведувачите. Според дел од оние кои целиот свој живот го минуваат работејќи земјоделие, има колку за една скромна живеачка, ама проблемот е што младите во државата не остануваат да се занимаваат со одгледување на тикви на пример.
„Кои услови, па добра земја, влага, ѓубре, сонце. Оваа година имаше сѐ. Тоа е покрај Кучичино, оризна нива, покрај неа идеално место со сите услови и се добри. Јас сум роден во село и цел живот работиме земјоделие. Има колку за една скромна живеачка, ама нема кој да работи после мене. Син ми е во странство.“
Во годините претходно овој период кога впрочем е и сезона на тиквите се трошеле во многу поголеми количини, денеска ситуацијата е сосем поинаква. Граѓаните го бараат само неопходното, велат произведувачите, за тиква ако останат средства. Освен балки се нудеа и домашно вино и ракија, ама тешко се продава и тоа. Медот со цена од 600 денари по тегла – прескап за купувачите.
„Имам лозје, и ракијата и виното се мои. Сам ги произведувам, ама навикне се човек. Работеме цел живот, не е толку тешко. Ракијата е 180 денари, виното е 100 денари, ланска реколта. Цената на медот 600 денари за тегла, ама скапо им е на луѓето. А не прашуваат дали имаме трошоци, колку трошоци имаме ние.“
Тиквите се едногодишни растенија кои се употребувале уште во далечното минато. Таа е шампион по содржина на железо, бакар и флуор, содржи калиум, калциум, богата е со шеќери, витамини и е ниско калорична.
Лаура Стојанова М-Нет