Улицата во с. Владимирово, беровско, повторно со „кал до колена“, асфалт нема и оваа година

Последните дождови повторно ги алармираа жителите на беровско Владимирово. Тие со апел до градоначалникот бараат асфалтирање на улицата преку која пристапуваат до своите куќи. Велат дека неколкупати пристапиле со исто барање, но надлежните немале слух за нивните проблеми. Во период на поголеми дождови од кал не може ни да се помине, а проблем е и за возилата на итните служби во случај жителите да имаат потреба од нив.

„Да се оспособи улицата слух од страна на градоначалникот нема. Тој вели дека за две куќи нема улица да правам, ама и еден човек да е треба улицата да се оспособи за да можат луѓето да комуницират и да одат.“

„Јас сум жител од оваа улица. Мајка ми додека беше болна колата си ја скршив кога ја носев во болница. Самите гледате дека Брза помош не може да излезе, ниту противпожарно возило.“

Од Општината повторно со одречен одговор. Според градоначалникот, Звонко Пекевски, улицата не е планирана ни во овогодинешната програма.

„Во програмата на Општината има многу неасфалтирани улици кои не можат за брзо време да се асфалтираат. Улицата „Димитар Влахов“ ја нема во програмата и тоа сè што можам да кажам за таа улица“, одговори Пекевски.

Апелот на жителите од ул. „Димитар Влахов“, кои реагираат до Општината речиси една година, продолжува. Претходно, улицата се тампонираше, што беше договорено како решение помеѓу жителите и Пекевски. Меѓутоа, се покажа дека тоа не е трајно решение, а Пекевски тогаш рече дека сѐ што можат да направат е само подобро да ја санираат.

Ребека Спасова М-Нет