
Трпезно грозје Афус и Кардинал веќе два петока по ред се продава на штипскиот пазар. Насадено во село Лесковица и, како што велат производителите, природно одгледано. Ова грозје стасува рано, па уште по Петровден може да се јаде, а ќе го има се до Божик. Слатко е и сочно, а по Богородица, велат лозарите, уште повеќе стасува и добива поголема блажина. Од тезгата на тетка Маре на пазарот, граѓаните купуваат во големи количини, а се враќаат и преку неделата, бидејќи освен петок, таа е таму речиси секој ден
,,Ова грозје стасува рано, после Петровден може да се јаде, па се до Божик. Ова е Илинденка грозје Афус и Кардинал. Трпезно е ова грозје, има блажина. По Богородица грозјето има поголема блажина, повеќе стасува.“, велат производителите
Како што вели таа, само вчера донела 600 килограми грозје, а и останале уште само дваесетина килограми. Вели штипјани го купуваат во големи количини.
,,Го купуваат, денеска имаше 600 килограми, сега ова што остана да го соберам нема да има 20 килограми останато. Со семка е, имаше и без семка но го потрошив. Производството добро е, за работа е тешко, но тоа е.“, додаваат производителите
А грозјето, освен што е слатко и вкусно, е и богато со витамини, минерали и антиоксиданси. Поради својот состав, се вклопува во здравата и балансирана исхрана, а во топлите денови е и одлично освежување. Па така, кога веќе го има на пазарите, освен за мерак, грозјето може да биде и добар избор за здрава трпеза.
Иван Митев, М-Нет