
Второлигашот Слога од Виница продолжува со квалитетни засилувања за пролетниот дел од Втората македонска фудбалска лига.
Денес беше промовиран искусниот голман Горан Трајковски, кој во пролетниот дел ќе го носи дресот на Слога, а во Виница доаѓа од редовите на Каменица Саса.
Трајковски е искусен голман и со прволигашко искуство, а во својата кариера 25-годишниот кумановец има настапувано и за Воска Спорт, Работнички, прилепска Победа, Македонија ЃП, Силекс како и радовишка Плачковица.
Трајковски во есенската полусезона бранеше на сите 15 натпревари за Саса, додека пак во дресот на Воска Спорт минатата сезона, Трајковски 20 пати стоеше на голот и бранеше во баражот за Прва лига против прволигашот Тиквеш, историски меч кој охриѓани го загубија и останаа второлигаши. Исто така, Трајковски во дресот на Воска Спорт дури на 10 натпревари имаше чиста мрежа – без примен погодок од вкупно 20 натпревари што ги бранеше, што говори дека станува за одличен голман.
Претходно, Слога се засили со Јован Дојчинов, Драган Паунов, Давид Бошески и Борче Ужевски.
Пролетниот дел Слога го отвара против Борец на домашен терен.