
Трае конзервацијата на палатата на локалитетот Билазора во Свети Николе, која ја спроведуваат тимови од штипскиот Завод и музеј и скопскиот Филозофски факултет. Професорот Драги Митревски посочува дека досегашните истражувања зборуваат дека овде градбата започнала околу 5 век пред нашата ера, а веќе во четвртиот век е во полна употреба. Во овој период има и податоци за кралеви и историски настани поврзани со нив, што е една нова недоволно позната историска страница.
„Годинава работиме на доистражување источно од палатата на просторот надвор од палатата, заради тоа што не можеме да ја отвориме целата поради нерешени имотно-правни односи. Се концентриравме на еден простор кој беше многу речит, кој ни даваше многу податоци за тоа што било тука пред да се крене палатата, кога е таа почната да се гради, на кој начин се гради и сето тоа го откриваме на тој простор што сега го истражуваме. Ни најдолу откриваме куќи од железното време со наоди, врз нив тој простор се користел како култен простор во време кога почнува да се гради палатата, па тука се жртвуваат животни, што го одбележуваат почнувањето на градба на платата“, вели Драги Митревски, професор на Филозофски факултет – група Археологија.
Конзервацијата на владетелската палата на Билазора во Свети Николе е проект одобрен преку Програмата на Министерството за култура за проекти од национален интерес. Директорот на НУ Завод и музеј – Штип, Митко Штерјов, вели дека истиот ќе продолжи да се реализира и догодина.
„Последните дваесетина дена работиме на оваа локација. Се средуваат скалите, се средуваат оние пропратни елементи кои се поврзани со палатата. Минатата година го започнавме овој проект, овоа година го реализираме она што беше замислено и од догодина се надевам дека ќе продолжиме со конзерваторските истражувања и изготвување документи за конзервација“, истакна Митко Штерјов, директор на НУ Завод и музеј – Штип.
Претходниот месец беше реализиран проектот за археолошки истражувања на Пилав Тепе, каде е откриена огромна базилика, а за следниот период останува уште проектот на Трескавичка чука на езерото Мантово. Со ова Програмата од областа на заштитата на културното наследство би била реализирана најдоцна оваа есен.
Ребека Спасова М-Нет