
Ново теренско возило кое ќе придонесе за побрза интервенција и навремена реакција доби Територијалната противпожарна единица Штип. Вредната донација со капацитет од 400 литри вода и можност за 400 литри пенило ја примија градоначалникот и комадирот на Единицата.
„Ова возило е наменето за пожари од надворешен тип, за суви пожари, за нискостеблеста шума. Со ова возило ќе се стигне брзо и навремено додека пожарот е во рана фаза за да се изгаси и да не дојдеме до пожари од поголем размер. Исто така, возилото е наменето за тешко пристапни терени, каде што пожарникарите тешко може да стигнат“, истакна Дарко Коцев, командир на ТППЕ Штип.
Според градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, изминатиот период Единицата се снабди со нова опрема и возила, коишто помогнаа да се зголемат можностите и потенцијалот. Дополнително, останува уште да се работи на самиот објект на ТППЕ Штип.

„Морам да напоменам дека во изминатиот период го зголемивме потенцијалот на ТППЕ Штип со набавка на возило за шумски пожари, со набавка на опремата за шумски пожари и за урбани средини. Мислам, дека генерално со сето она коешто го добија оваа година, ТППЕ го зголеми својот потенцијал и капацитет, останува уште инфраструктурно внатрешните делови да ги реконструираме и сметам дека како што доликува на една општина, којашто е центар на Источна Македонија, ги прибилижуваме стандардите на нашата Единица до Европските стандарди. Сакам да се заблагодарам на ДЗС и се надевам дека ќе има помалку потреба од интервенции“, истакна Јорданов.
Новото теренско возило е донација од Дирекцијата за заштита и спасување. Во набавката со вредност од 42,5 милиони денари вклучени се 14 нови возила кои денес беа доставени до противпожарните единици во 14 града низ државата.
Ребека Спасова М-Нет