Тодоров ги демантира невистините за напад врз Јанев, Левица најави тужба и кривична пријава

Против директорот на штипскиот Затвор, Мики Тодоров, Левица ќе поднесе приватна тужба и кривична пријава во врска со пријавениот напад од негова страна врз активистот Јован Јанев. Случајот излезе во јавноста откако самиот Јанев објави дека бил нападнат во дискотека во Штип, при што директорот му задал серија тупаници во стомак и гради, а причината за тоа била герила акцијата на 8 Ноември, каде Тодоров беше делегат на политичката партија СДСМ. На денешната прес-конференција од политичката партија Левица обвинија дека Тодоров имал насилно минато и побараа негово разрешување.

„Директорот на Затворот во Штип и функционер на СДС, Мики Тодоров, физички напаѓа студенти. Активистот на ЦМ и студент, Јован Јанев, во вечерта помеѓу петокот и саботата во Штип бил дивјачки нападнат со физички удари – затоа што е политички активен во Левица и затоа што ако режимот на Груевски ја користеше полицијата да ги тепа студентите, овој режим директно удира со своите функционери. Бараме Владата да го разреши директорот поради недозволено, недолично и противправно однесување. Бараме Ковачевски да го разреши овој клучен човек на СДС во Штип, кој покрај другото: во 2017 како советник во Штип и секретар во општинскиот одбор, физички го нападнал директорот на ЈКП Исар – дали ова се скалила за напредување во СДС или е само непресметлива личност за која треба хоспитализиција?“, велат од Левица.

Тодоров, пак, ги демантира ваквите, како што вели, изнесени невистини. Тој посочи дека имало несогласувања помеѓу нив, но само вербално и тоа оти возвратил на провокации од Јанев. Во писмениот став за Телевизија М-Нет тој посочи и дека вистината ќе се докажува на Суд.

„Не е точно, никој не бил тепан, ниту физички нападнат, ги демантирам тие невистини. Вербално само возвратив на провокации кои цело време ги прави ова лице, но не дозволив да успеат овие провокации, ниту да ескалира состојбата. Основано се сомневам во каков било извештај, доколку постои таков, навистина, затоа на Суд ќе се докаже целата вистина.“ – вели Мики Тодоров во писмениот став.

Пријава за физички напад бележи и билтенот на СВР Штип, во кој стои дека на 23.12.2023, во 02.58 часот, е пријавено дека во угостителски објект во Штип, Ј.Ј. (22) бил физички нападнат од М.Т., двајцата од Штип. Се работи на расчистување на случајот, по што ќе следи соодветен поднесок, велат од полицијата.

Ребека Спасова М-Нет