
Со цел промоција на убавините и можностите на Осогово, во организација на Фонацијата Фридрих Еберт со Канцеларија во Скопје, викендов на падините на Осоговските Планини, се одржа планинарската тура „Дојди на Пониква, запознај го регионот“.
Зајакнувањето на локалната заложба за одржлив развој преку потенцирање на невообичаени локални проекти, како и преку промовирање дијалог и соработка помеѓу значајните актери за идните акции е причина за креирање на одржлива програма за развој и унапредување на економските можности во регионот. Со тоа, исто така ќе се заштити и природното наследство.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, како домаќин на планинарската тура, ја искористи можноста да ги претстави тековните проекти за развој на туризмот и за заштита на Осоговијата, но и следните чекори во тие насоки.
– Кога се зборува за Осоговските Планини, првата асоцијација е здравје и благосостојба. Овде на Пониква, има стари објекти кои сѐ уште можат да се обноват и да бидат од јавен интерес, со локално и регионално значење. Пренамената на детското одморалиште за потребите на Министерството за внатрешни работи ги оддалечи децата од организираното, масовно користење на убавините на Пониква, што ја нагласува потребата да се најдат начини децата со екскурзии да ја запознаат и да уживаат во Пониква и Осоговските Планини, да се врати духот на Пониква за децата од школска возраст – рече во своето обраќање градоначалникот Илијев.

Впечатоците после шест километарската маршрута кон локалитетот Раткова Скала,во која учествуваа и претставници од меѓународната заедница, граѓански организации и владини институции со водич беа претставени дел од прекрасните убавини и природни вредности на Осоговијата, ќе бидат документирани во филм, кој ќе го направи екипата која го снимаше „Медена земја“.