Тестови за дрога, одземање на возилото во случај на безобѕирно возење – МВР со промени за побезбеден сообраќај

Тестови за дрога, одземање на возилото во случај на безобѕорно возење, системот Безбеден град да препознава нерегистрирани возила се само дел од мерките и активностите кои ќе ги воведе министерството за внатрешни работи со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот. Министерот, Панче Тошковски истакна дека потребно е ревидирање на членот 297а од Кривичниот Законик, и наместо парична казна да се изрекува казна затвор.

„Еден од поголемите проблеми што ги имаме во контекст на сообраќајната безбедност е огромниот расчекор помеѓу бројот на пријавени и осудени прекршители. Постојат бројни случаи каде луѓе кои сториле тешки кривични дела во сообраќајот поминуваат со минимални или дури и условни казни. Казните, колку и да се високи на хартија, не значат ништо ако тие не се изрекуваат, а уште помалку ако не се спроведуваат. Ние мораме да го разбиеме овој систем на компромиси и полуправда, односно неправда.“ – вели Тошковски.

Тошковски смета дека фокусот не треба да биде само на заострување на казните, туку во градење на систем кој ќе овозможи комплетно елиминирање на неказнивоста. Досега, правилото беше дека прекршителите лесно поминуваат, а казната беше исклучок, вели Тошковски. Додава дека тоа мора да се промени и дека превенцијата е клучна за да се спречат нови прекршоци.

Податоците покажуваат дека во 2022 година биле констатирани 16359 прекршоци за управување на моторно возило без возачка дозвола, во 2023 година 19885, а во 2024 година 19000 прекрошци.

Лаура Стојанова М-Нет