
Утре, сабота, Штип ќе биде домаќин на Државното сениорско првенство во борење, каде штипјанецот Дејан Митров ќе атакува на рекордна 17-та титула државен првак на Македонија, за репрезентативецот Митров тоа ќе биде апсолутен рекорд, кој тешко дека некој ќе може некогаш да го сруши.
Државното првенство во борење ќе биде во спортската салата при СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип, а борбите ќе започнат во 11 часот. Митров во гостувањето во спортскиот магазин Трибина ја повика штипската публика да дојде и да даде поддршка од трибините.
„Сакам да ја поканам штипската јавност бидејќи во сабота ќе имаме Државно првенство во Штип, во спортската салата на СОУ „Коле Нехтенин“, ве поканувам сите кои што сте во можност да дојдете да дадете поддршка на нашите спортисти, а тие да возвратат со големи резултат и да ја израдуваме штипската публика“, вели Митров во гостувањето во спортскиот магазин „Трибина“ на М Нет телевизија.
Конкуренцијата на Државното првенство за сениори кое ќе се одржува во Штип ќе биде голема. Државното првенство ќе биде филтер каде што ќе се формира репрезентацијата на Македонија за Европското првенство.
„Мора да очекуваме и знам дека ќе имаме конкуренција бидејќи во март месец не’ очекува Европско првенство во Братислава, Словачка. Престојното Државно првенство ќе ни биде филтер каде што ќе се формира репрезентацијата на Македонија, која ќе го претстави македонскиот тим на Европското првенство. Знаеме, сега спомнавме колку е желбата да се биде дел од националиот тим и младите генерации се многу амбициозни ќе има искусни натурализирани Македонци кои се од Русија и тие ќе бидат присутни тука, така да верувам штипската јавност ќе ужива во квалитетни борби“, додава Митров.
Репрезентативецот Митров е подготвен за Државното првенство, каде ќе атакува на 17-та титула што ќе биде рекорд кој тешко дека некој би можел да го сруши барем во следните 20 до 30 години.
„Подготовките веќе се во завршна фаза сега останува уште регулирање на телесната тежина, знаеме дека кај нас е многу често да регулираме тежина бидејќи настапуваме во одредена категорија. Интензивните тренинзи и контролните борби се веќе минато сега останува само формално да ги обработиме три до четири тренинга кои ни преостануваат до престојното Државно првенство и се надеваме на добар успех и дека ќе го претставиме нашиот клуб и нашата општина во најдобро светло. Конкуренцијата како што напоменав ќе биде силна бидејќи ќе имаме мислам шест натурализирани Руси кои настапуваат за Македонија, ќе настапат и тие. Исто така, сакам да ги напоменам младите борачи кои се гладни за резултати и за успех и тие, значи ќе имаме комплетна конкуренција од млади кои се желни за успех, повозрасни искусни и натурализирани Руси. Што значи дека во секој случај ќе интересни борби“, вели Митров во Трибина на М Нет.
Дејан Митров првата титула Државен првак на Македонија ја освои во сега веќе далечната 2005 година или пред точно 20 години, а утре во Штип пред штипјани ќе се бори за 17-тата титула.
Александар Ванев, М-Нет