
Европската авантура на младинскиот состав на АП Брера Струмица заврши со тежок дебакл во Германија. По поразот од 3:0 на домашен терен, струмичани доживеаја вистински резултатски потоп на гостувањето кај Хофенхајм, губејќи со убедливи 9:0 во реваншот од младинската Лига на шампиони.
Вкупно 12 примени голови на два натпревари и ниту еден постигнат. Резултат кој неизбежно отвора прашања за разликата во квалитетот, подготвеноста и конкурентноста на македонските младински екипи во споредба со европските фудбалски академии.
По ваков пораз, тешко е целата приказна да се сведе само на „драгоцено искуство“ и „важни лекции“, како што наведуваат од клубот во своето соопштение. Секако дека европските натпревари носат искуство, но девет примени голови на еден натпревар, по претходните 3:0 на домашен терен, се резултат кој заслужува сериозна анализа, а не само пораки за кренати глави и продолжување понатаму.
Од друга страна, не треба да се занемари ниту историскиот успех на Брера. Клубот стана првиот македонски шампион кој успеал да ја мине првата рунда од младинската Лига на шампиони. Тоа е достигнување кое заслужува признание, но истовремено треба да биде и мотив за многу поголема работа.
Прашањето е дали ваквите европски натпревари навистина ќе послужат како поттик за напредок или ќе останат само уште една европска епизода во која македонскиот младински фудбал ја почувствува суровата реалност на разликата во квалитетот.
Гордоста за историскиот пласман е оправдана, но резултатите од дуелите со Хофенхајм не смеат да се релативизираат. Напротив, токму ваквите порази треба да бидат повод за сериозно преиспитување, анализа и конкретни чекори.
Благој Серсемов, М Нет-ТВ