ТАВ Македонија демантира: Проектната документација за Линија 2 се коригираше, се набавуваат материјали

Компанијата ТАВ Македонија ги демантира сите податоци кои ги изнесе градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, во врска со изградбата на Линија 2. Иако тој тврдеше дека проектот доцни поради тоа што фирмата-изведувач калкулира кога да почне со работа, од ТАВ велат дека причината за одложувањето е недостатоци во проектната документација од Општина Штип, која била коригирана.

Демантот го објавуваме во целост:

„Почитувани,

На 28 декември 2022 година порталот www.mnet.mk објави статија насловена “Фирмата-изведувач цела година одложува да работи на Линија 2, инфлацијата ги јаде парите” („Статијата”) во која се содржана изјава на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов за наводно доцнење со изведба на работите на Линија 2. Имено во статијата е наведено дека фирмата-изведувач на работите на Линија 2 која е избрана од ТАВ Македонија нема механизација, ниту инженери, и поради непостоење на услови на страна на компанијата сé уште не е започната со работа. Од страна на Општина Штип има целосна соработка за проектот и одобрување за отпочнување со работите. Дополнително наведено е и дека 35.000.000,00 евра државни пари биле доделени на ТАВ Македонија кои биле наменети за изградба на карго аеродром во Штип, што исто така не било реализирано.

По пат на овој демант ТАВ Македонија ги негира целосно сите наводи во Статијата поврзани со ТАВ Македонија од причина што истите се невистинити и погрешно ја прикажуваат реалната состојба. Со цел точно информирање на јавноста за деталите поврзани со реализацијата на Линија 2 и Карго Аеродромот го истакнуваме следното:

Договорот за изградба на Линија 2 е потпишан на 7 јули 2021 година, помеѓу ТАВ Македонија како инвеститор, Владата на Република Северна Македонија и Општина Штип. Краен рок за изведба на работите е крајот на 2023 година. Согласно Договорот, Општина
Штип имаше обврска да достави градежен проект кој беше доставен на 6 април 2022 година, а дозволата за градење беше издадена на 15 април 2022 година. Поради недостатоци содржани во проектната документација доставена од Општина Штип следуваше неколку месечно одложување на работите за што во периодот од април до средината на август 2022 година беа одржани неколку состаноци помеѓу Општина Штип и ТАВ Македонија со цел корекција на проектната документација. Од страна на Општина Штип беа доставени два ревидирани проекти заклучно со 15 август 2022 година. Одобрувањето за започнување со градежните работи од Општина Штип е добиено на 29 септември 2022 година и веднаш наредниот ден на 30 септември ТАВ Македонија склучи договор со фирмата-подизведувач. Понатаму, со оглед на тоа дека целиот процес на набавка и достава трае најмалку 15 недели, очекувано е материјалите да пристигнат на почетокот од јануари 2023 година. Сепак, поголем дел од материјалите се веќе пристигнати и планирано е почетокот на градежните работи да биде во јануари 2023 година за што Општина Штип е известена со официјален допис од 22 ноември 2022 година.

Во однос на проектот за изградба на карго-аеродром на територијата на Општина Штип истакнуваме дека на барање на Владата на Република Северна Македонија со анекс на концесискиот договор кој го има склучено ТАВ Македонија, овие средства заедно со дополнителни средства во вкупен износ од 49,7 милиони евра ТАВ Македонија ги има дадено за финансирање на вкупно 94 владини проекти за подобрување на локалната инфраструктура во општините низ Македонија.“

Ребека Спасова М-Нет