
„Девојчето и дванаесетте месеци“ е новодишната студентска театарска претстава која утре ќе ја изведат студентите на штипскиот Факултет за образовни науки. Продеканката на Факултетот, Даниела Коцева, вели дека станува збор за целосен проект на студентите, во кој се вклучени студенти од ФОН, Технолошко-техничкиот факултет, а учествува и музички педагог.
„Театарските претстави за деца се традиционален дел од корикулумот на ФОН, така што низ студиските програми се обидуваме да ги подобриме компетенциите на студентите подготвувајќи ги за современите предизвици, за професионалниот живот којшто ги чека по завршување на студирањето“, вели продеканката на ФОН, Даниела Коцева.
Костимите на претставата се изработени од студентите на Технолошко-техничкиот факултет. Професорката Сања Ристески вели дека базичната идеја започнала со пет – шест костими, кои подоцна добивале поголема конструкциска комплицираност и техничка изведба. Крајниот резултат е 18 модели, рачно изработени од природни материјали со повеќе илустрации.
„Ако облеката којашто ја носиме секојдневно е наша презентација во современиот свет, тогаш костимите раскажуваат многу повеќе, тие кажуваат една цела приказна за личноста или актерот за којшто тие се дизајнирани. Велиме дека мора да постои една синергија помеѓу актерот којшто треба да го донесе ликот во претставата и костимот, бидејќи самиот актер е тој којшто треба да му даде живот на костимот. За илустрациите беше задолжена студентката Слаѓана Петрова, студентка на постдипломски студии на ТТФ, така што можеме да кажеме дека, навистина, на крај сме презадоволни од целокупниот изглед на проектот“, вели Ристески.
Со два од моделите студентите на Факултетот се имаат претставено на модниот викенд во Скопје, а на театарската претстава повторно ќе бидат претставени од страна на двајцата наратори.
„Чест и задоволство ми е што сум дел од оваа претстава и сакам да искажам голема благодарност до професорите коишто неуморно се залагаа за оваа претстава да го добие овој сјај. Претходно сум била на сцена, имам искуство и мојата улога е наратор“, вели студентката Матилда Шериќ.
Студентите и претходните години подготвуваа магични новогодишни претстави со кои привлекуваа внимание кај пошироката штипска јавност. Претставата утре е со почеток од 13:00 часот.
Ребека Спасова М-Нет