
Денес беа одиграни петте натпревари од 27. коло од Првата македонска фудбалска лига. Коло кое што донесе две убедливи победи и две ремија, резултати кои ја вжештуваат атмосферата во елитата околу титулата, околу местата за Европа, како и за опстанок.
Лидерот Струга Трим Љум покажа голема моќ и на домашен терен со високи 6:2 ја декласираше Победа. Прилепчани повторно беа инфериорни, откако во претходно коло беше декласирана во Прилеп со шест гола, денес во Струга повторно прими шест гола, па повеќе од сигурно Победа ќе си ги спакува куферите и ќе се врати во Втора лига.
Победа имаше сили само за едно полувреме против лидерот Струга Трим Љум, откако првиот дел заврши со резултат од 2:1. Победа прва стигна до водство со голот на Бесник Ферати во 18. минута, а тоа предизвика радост кај прилепчани и шок за домашната публика. Крајот од првиот дел донесе два брзи гола за домашниот тим. Најпрво Бесмир Бојки постигна гол за 1:1 во 43. минута, а најдобриот стрелец во историјата на македонскиот фудбал, Бесарт Ибраими во судиското надополнување постигна гол од пенал за пресврт и водство за домашниот тим од 2:1 на полувреме.
Во вториот дел Мухарем погоди по пет минути игра за 3:1, а потоа Андреј Кудијан постигна гол и намали на 3:2, со што Победа парираше кон Струга.
Сепак отпорот на Победа беше скршен, откако Шабани погоди по две минути по вториот гол на Победа за 3:2, а брзо потоа Ибраими беше стрелец на два брзи гола во 73. и 76. минута за конечни 6:2 и голема победа на Струга, која оди на пат кон историска титула.
Во Ѓорче и Кратово беа поделени бодови во натпревари каде немаше погодоци. Во Ѓорче, Македонија ЃП и Академија Пандев одиграа 0:0 и ги поделија бодовите, додека пак во Кратово, Силекс и Брегалница исто така одиграа меч без голови (0:0) и ги поделија бодовите, со што штипските „сини“ остануваат во игра за тоа четврто место кое може на крај да донесе излез во Европа, но под услов доколку Струга Трим Љум го освои Купот.
Работнички беше домаќин на Скопје во Велес и одново славеше над „пиратите“ на истиот терен како пред два месеци, но овој пат со минимални 1:0 со голот на Гандо во 81. минута од мечот. Многу потешко од очекуваното „романтичарите“ стигнаа конечно до победа, откако на претходните пет натпревари немаа триумф и иако остануваат на осмото место, направија бодовна разлика од шест бодови во однос на „пандевци“ и 10 во однос на Скопје, со што Работнички веќе повеќе од сигурно го завери опстанокот.
Шкендија со 4:1 го декласираше Тиквеш на домашен терен во меч каде некогашниот шампион на Македонија покажа моќ и продолжува да го напаѓа првото место на Струга во обид да застане на тронот во домашниот шампионат.
Тиквеш никако да победи, а на последните пет натпревари има три порази и две ремија. Во првиот дел Шкендија стигна до минимална предност од 1:0 со голот на Милев, па борбата за трите бодови се префрли во вториот дел.
Во второто полувреме Клисман Цаке постигна гол за 2:0, додкеа пак Чинари погоди за 3:0 во 70. минута. Пет минути подоцна Вареловски намали на 3:1, а во судиското надополнување Чинари со втор гол ги постави конечните и убедливи 4:1.