
Македонскиот прволигаш Струга Трим Лум интензивно ги продолжува подготовките за пролетниот дел од сезоната, а од 17 јануари екипата ќе се пресели во Анталија, Турција, каде што веќе се договорени четири контролни натпревари со силни и квалитетни противници.
Во моментов, стружани тренираат во родниот град, а ова е петти ден од почетокот на подготовките за пролетната полусезона. Под водство на шефот на стручниот штаб Бледи Шкемби, тренажниот процес се одвива според планираната динамика, и покрај зимските услови. Тимот веќе одработи тренинзи на снег, а слично време се очекува и во наредните денови.
Првиот контролен натпревар во Анталија Струга Трим Лум ќе го одигра на 19 јануари против словачкиот претставник Тренчин. Три дена подоцна, на 22 јануари, противник ќе биде шампионот од Узбекистан, Пахтакор.
На 25 јануари е закажан дуел со реномираниот руски клуб Рубин Казан. Последната контролна средба на турска почва е планирана за 30 јануари против уште еден клуб од елитата на рускиот фудбал, Сочи. Против овој противник е договорен специфичен формат – натпревар од два пати по 60 минути.
Овие пријателски средби се очекува да му донесат на тимот потребен натпреварувачки ритам и оптимална форма пред стартот на официјалните натпревари во пролетниот дел од сезоната. Струга Трим Лум ќе престојува во Анталија до 31 јануари, по што ќе се врати во Струга, каде што ќе следи финалната фаза од подготовките.
Пролетниот дел од сезоната 2025/26, во кој стружани влегуваат со статус на вицешампион, ќе започне на 11 февруари со дерби-дуелот против Шкендија во Тетово.