Сточарите очекуваат откуп на јагнињата за празниците, ама незадоволни од ниската откупна цена

За божиќните празници сточарите очекуваат добар откуп на јагнињата, ама не се задоволни од цената која се нуди. По 250 денари за килограм жива мера јагне е далку од исплатливо за нив, велат тие. Од друга страна пак, додаваат дека месарниците јагнешкото месо го продаваат многу поскапо на граѓаните и се гледа вистинската неисплатливост во одгледувањето овци.

„Сигурно ќе има откуп на јагниња и очекуваме добар принос. Цената ќе видиме каква ќе биде, бидејќи во месарите е скапо, ама од овде се купува по цена од 250 денари. Не е исплатливо“ – вели Симов.

Влатко Симов од село Карбинци и понатаму останува еден од малкумината кои одгледуваат овци. Но, вели, се е скапо вклучувајќи ја и храната, па овци и стока во селото има се помалку. Дополнително нема млади кои во иднина би продолжиле да се занимаваат со сточарство и земјоделтво, па за неколку години многу тешко ќе може да се најде домашно јагнешко месо.

„Цената на храната се зголеми на 20 денари, се е скапо, а овоа ти го земе за џабе. Сега имам околу 15 јагниња, чувам ги само дома.“ – додава Симов.

Симов со сточарство се занимава многу оддамна, но моментално не произведува сирење и млеко. Вели додека може ќе работи, а потоа овците ќе ги продаде.

Лаура Стојанова Кирчов, М-Нет