Стартува новата сезона од ПМФЛ со голема неизвесност: Воска и Гостивар најактивни, Брегалница со големи промени

Денес започнува 32. издание од Првата македонска фудбалска лига. Првото коло ќе биде отворено денес со пет натпревари, а ќе биде затворено утре со еден натпревар.

Сезонава носи далеку поголема неизвесноста во однос на минатата сезона, екипите квалитетно засилени и израмнети влегуваат во борбата за остварување на своите цели. Борбата за местата кои водат во Европа, како и борбата за избегнување на местата кои водат кон испаѓање во Втората лига ќе биде повеќе од неизвесна и непредвидлива.

Во новата сезона ќе се натпреваруваат 12 екипи. Последните две испаѓаат директно во Втората лига односно 12-тото и 11-тото место, а пак екипата која ќе заврши на 10-тото место ќе игра бараж со третопласираниот второлигаш.

Екипата на Воска Спорт е дебитант во новата сезона, а повратници во „елитата“ се Вардар и Гостивар. Во новата сезона ќе се натпреваруваат седум поранешни шампиони, а Струга Трим Лум како најмлад прволигаш сезоната ја отвара со одбрана на титулата.

Гостивар и Воска Спорт беа најактивни на трансфер пазарот ова лето, а Брегалница направи големи промени во тимот. Оваа сезона има најмногу странски тренери.

Вардар со 11 титули е најтрофејниот тим, а по него следуваат Работнички со четири титули, Шкендија и Силекс со по три и Македонија ЃП, Шкупи и Струга со по една титула.

Најдобар стрелец во историјата на Првата македонска фудбалска лига со 188 погодоци е Бесарт Ибраими, напаѓачот на актуелниот шампион Струга Трим Лум.

  • Брера Струмица – Вардар: Стадион „Горан Пандев“ Струмица

Во Струмица на Спортскиот комплекс „Горан Пандев“ се монтираше и монтажна трибина позади едниот гол, а тоа ќе овозможи верните „Комити“ да го бодрат Вардар, па така во Струмица ќе гледаме одличен и неизвесен меч во соочување на ребрендираната Брера Струмица со италијански шмект и најтрофејниот Вардар.

Вардар за новата сезона се засили со пет играчи, а од тимот си заминаа тројца. Лука Трајковски, Владица Брдаровски, Матеус Лемос, Алберт Алаведра и Азер Омерагиќ се новити засилувања на Вардар, а си заминаа Мартин Радуловиќ–Величковиќ, Дарко Размоски и Давор Серафимов.

Брера Струмица се ребрендираше и во новата сезона ќе има италијански стручен штаб, што ќе биде за првпат во историјата на мак-фудбалот да имаме италијанци во стручен штаб. Струмичани направија сериозни проблеми, не само во тимот туку и во делот на функционирањето на клубот, како нови спонзори, прес-конференции пред стартот на новата сезона, подобрена работа на социјалните мрежи и други работи во внатрешното функционирање на клубот.

Што се однесува до новите засилувања во Струмица пристигнаа Стефан Наумчевски, Александар Ристевски, Папе Оумар Сисе, Андреј Аризанковски, Лео Антонио, Александар Ристевски, и Салваторе Рибаудо. Од клубот си заминаа Бурхан Мустафа, Бојан Димовски и Диме Димов.

  • Брегалница – Силекс: Градски стадион Штип

Во Штип се игра дербито на Истокот меѓу Брегалница и Силекс натпревар кој ќе привлече големо внимание кај фудбалската јавноста особено во овој дел од државата, а со сигурност и стадионот во Штип ќе биде исполнет со штипски навивачи и верната „фаланга“ која дава голема поддршка на секој натпревар на Брегалница. Силекс за новата сезона ќе атакува на средината од табелата, а од сенка ќе ги напаѓа одново местата кои водат во Европа.

Кратовци и лани беа незгоден тим, особено на домашен терен каде тешко се освојуваат бодови, па тоа за нив ќе биде одново предност во остварувањето на своите цели во новата сезона. Теренот во Штип ќе биде „жежок“ како и секогаш кога имало соочување на Брегалница и Силекс.

„Сините“ предводени од Горан Здравков имаат коренити промени, пристигнаа дури 10 нови играчи, а од Штип си заминаа девет засилувања, па повеќе од сигурно Брегалница во новата сезона ќе ја гледаме на терените со изменет лик. Нови засилувања во Брегалница се Роналдо Вебстер, Фабрицио Венегас, Ване Јованов, Џамал Дикенс, Колин Андерсон, Кире Новаков, Филип Стојчевски, Мартин Давков, Лука Робакидзе и Валериј Степаненко. Од Брегалница си заминаа Анџело Николовски, Даниел Мојсов, Александар Ристевски, Дарко Додев, Иван Николов, Милан Џокиќ, Александер Борха, Немања Шчекиќ и Давид Денковски.

Силекс за новата сезона донесе седум проверени засилувања, а од Кратово си заминаа само тројца. Во новата сезона дресот на кратовскиот прволигаш ќе го носат Кристијан Чурлинов, Димитрије Зајиќ, Панче Петров, Антонио Каланоски, Димитриј Попоски, Леонид Игњатов и Иван Шуберт. Следната сезона во дресот на Силекс нема да ги гледаме Сашо Дуков, Филип Стојчевски и Хамза Рамани.

  • Струга Трим Лум – Гостивар: Стадион Струга

Најмладиот прволигаш Струга Трим Лум новата сезона ја започнува со одбрана на титулата против повратникот во „елитата“ екипата на Гостивар. Стружани лани зад себе имаа историски најуспешна сезона. За првпат ја освоија титулата во домашното првенство, а во Купот загубија во финалето од „лавовите“ од Ѓорче, додека пак во европските натпреварувања, стружани ќе играат трето квалификациско коло за групна фаза од Конференциската лига на УЕФА.

Гостивар во „елитата“ се враќа по сезоната 2013/2014 кога испадна во Втората лига, а новата сезона ја стартува против актуелниот шампион на тежок терен покрај Охридското Езеро. Гостивар важеше за тим кој направи сериозни промени во тимот и беше еден од најактивните на трансфер пазарот.

Струга се засили со четири нови имиња односно со Вангел Згуро, Арди Идризи, Сенад Јаровиќ и Ментор Мазрекај, а си заминаа пет играчи односно Фатјон Јусуфи токму во Гостивар, Зија Мерџани, Арбри Пенгу, Сухејл Мухарем и Миклован Пере.

Во Гостивар пристигнаа дури 11 нови засилувања, комплетно нов тим со што повратникот во „елитата“ во новата сезона ќе го гледаме во речиси скоро во нов состав. Нови имиња се Амир Билали, Фатјон Јусуфи, Васко Василев, Анид Абази, Џелил Абдула, Мустафа Мујезиновиќ, Алпер Потук, Едиз Спахиу, Пепи Георгиев, Ремзифаик Селмани и Михаил Маневски.

Од таборот на Гостивар си заминаа девет играчи, а меѓу нив се Стојанчо Велинов, Антонио Каланоски, Вилдран Керим, Гордијан Хростовски, Борјан Пановски, Стојан Стојчевски, Дарко Стојанов, Благоја Спиркоски и Симеон Христов.

  • Тиквеш – Македонија ЃП: Градски стадион Кавадарци:

Денес во Кавадарци ќе гледаме соочување на Тиквеш и на освојувачот на Купот екипата на Македонија Ѓорче Петров. Тиквеш лани одигра одлична сезона и многу рано го завери опстанокот во „елитата“, а во новата сезона со значителни промени влегува во борба за сигурен и директен останок.

Соочување на кавадарчани и „лавовите“ ќе биде неизвесно, терено во Кавадарци е тежок за гостинските екипи, а поддршката од верните „Лозари“ е ветер во грб за Тиквеш кој ќе атакува на цел плен, а предизвикот против актуелниот Куп освојувач ќе биде голем.

Во Кавадарци нови засилување се повратникот Даниел Мојсов, Ариан Ренер, Миле Тодоров, Филип Михаилов, Гал Куреж, Џемал Ибиши, Марио Станковски, Марио Гасама и Благоја Спиркоски. Во новата сезона дресот на Тиквеш нема да го носат Андреј Лазаров, Мартин Давков, Александар Мишов, Ристе Темелков, Едиз Спахиу, Стефан Костов, Виктор Наумовски и Стефан Наумчевски.

Кога сме кај „лавовите“ нема некои големи промени. Нови играчи се Ристе Темелков толку од Тиквеш, Мелос Бајрами, Ристе Лембовски, Стефан Јакумовски и Атон Карачанков, а пак си заминаа четири играчи односно Стефан Тасев, Арби Воша, Есмин Личина и Матеус Лемос.

Воска Спорт – Шкендија: СРЦ „Билјанини Извори“ – Охрид

Денес на „Билјанини Извори“ во Охрид дебитантот Воска Спорт ќе го предизвикува некогашниот шампион Шкендија од Тетово. Охриѓани по повеќе од една деценија одново ќе гледаат прволигашки фудбал.

Воска Спорт за првпат во своето постоење ќе се натпреварува во „елитата“, а Охрид покрај второлигашко добива и прволигашко езерско дерби, па со сигурно „Билјанини Извори“ ќе се полни со навивачи, поддржувачи и љубители на мак-фудбалот.

Шкендија новата сезона ја отвара во Охрид под предизвик за целиот плен особено ако се земе фактот дека тетовци направија големи промени и во новата сезона ќе атакуваат на титула. Шкендија не може да се пофали со европските настапи, па затоа веќе се става максимален фокус на домашното првенство, а денес ќе биде првиот сериозен испит против квалитетно засилената екипа на Воска Спорт.

Воска Спорт со 11 нови засилувања беше една од најактивните екипи на трансфер пазарот заедно со повратникот Гостивар. Сосема очекувано беше дека охриѓани ќе мораат да направи големи промени со цел да бидат конкурентни во „елитата“. Воска Спорт за новата сезона се засили со Јован Николиќ, Николче Шаркоски, Бесар Исени, Стојан Стојчевски, Фати Исмаили, Оусман Маронг, Алекса Марушиќ, Мурхан Мустафа, Никола Стијеповиќ, Агон Хани и Вилдан Керим. Од Охрид си заминаа Оливер Христов кој се врати во Детонит Плачковица, Фитон Адеми, Енсар Љума, Илјаз Чилањи, Изаир Емини, Илбер Беќири и Ајрдин Цуцули.

Шкендија за новата сезона се засили со четири засилувања односно со Ендрит Красниќи, Мевљан Адили, Алмир Аранспахиќ и Зија Мерџани, а од Тетово си заминаа шест играчи односно Љупче Дориев, Михаил Маневски, Ферхан Хасани, Астрит Амзаи и Мустафа Мујезиновиќ.

  • Работнички – Шкупи: Стадион „Борис Трајковски“ – Маџари

Првото воведно коло од новата сезона ќе биде комплетирано утре со натпреварот меѓу Работнички и Шкупи. Овој меч ќе се одигра утре поради настапите на Шкупи во европските квалификации.

Скопска пресметка на два поранешни шампиони, кои во новата сезона ќе атакуваат на високи цели. „Гулабите“ од Чаир сосема сигурно ќе сакаат титула, а колку Работнички ќе може да се наметне за таква цел, останува да видиме, можеби најреално ќе биде атак на местата кои водат во Европа. Сепак сезонава ќе биде многу тешко кога е во прашање „визата“ за Европа, а веќе утре ќе бидат ставени на посериозен испит и Работнички и Шкупи за тоа како се подговени и засилени.

Работнички за новата сезона се засили со Егзон Белица, Петар Петковски, Мевљан Мурати, Влатко Стојановски, Содик Рашид и Томче Гроздановски, а си заминаа Анес Рушевиќ, Николче Шаркоски, Фета Фетаи, Арменд Алими и Фати Исмаили.

Шкупи има повеќе засилувања во својот тим, а Чаир пристигнаа Давор Серафимов, Давид Денквоски, Суад Сахити, Андреја Евремов, Дуду Самаијо, Кристијан Тошевски, Хамза Рамани Михаил Пинтер и Арби Воша. Од Шкупи си заминаа Стефан Јакумовски, Фреди Алварез, Кристијан Наумовски, Џелил Абудал, Гаги Маргвелашвили, Пепи Георгиев, Мелос Бајрами и Владица Брдаровски.

Новата сезона стартува денес со петте натпревари кои ќе започнат во 17 часот, есенскиот дел ќе заврши во втората недела од месец декември, а пролетната полусезона ќе стартува во последниот викенд од месец февруари 2024 година.