Сопственикот на Ротерам Јунајтед на гости кај Воска, во најава можна соработка

Воска Спорт е најамбициозниот второлигаш кој е на добар пат директно да влезе во Првата македонска фудбалска лига што ќе биде историски успех за охридскиот клуб. Лани Воска Спорт во баражот за Прва лига загуби од Тиквеш во Струмица, а годинава направи уште поквалитетен тим и барем засега сигурно чекори кон историски успех.

Откако сопственикот Нефи Усеини ја презеде Воска Спорт, охридскиот клуб станува атрактивен за странски инвестиции и инфраструктурата, а потврда за тоа е и посетата во Охрид од страна на Тони Стјуард, сопственик на англискиот клуб, Ротерам Јунајтед, кој настапува во Чемпионшип.

Стјуард беше неколку дена во посета на Охрид, притоа истражувајќу го градот и неговите туристички и спортски инфраструктурни капацитети, а останува отворена можноста за евентуална соработка во иднина, соопштија од охридскиот второлигаш Воска Спорт.

„Можам да видам дека во рок од пет години Воска успеала да стане клуб кој луѓето овде во Македонија го гледаат сериозно. Мислам дека се инвестира и имаат посветеност од добар бизнисмен, а ги видов терените каде се одржуват тренинзите и знам дека иднината е добра за Воска. Тоа е добро и за Македонија и јас со нетрпение очекувам да работам со него. Ако се гледаме почесто, тој сега наскоро ќе дојде во Ротерам, сигурно ќе направиме работите да се движат напред. Јас веќе 15 години сум во Ротерам. Почнавме од дното и сега сме во Чемпионшип, а работиме напорно за да стигнеме до Премиер лигата и како што знаеме тоа е голема цел. Затоа би рекол дека ќе работиме заедно. Затоа што навистина одлично си поминавме во Македонија. Луѓето беа прекрасни. Морам да го признам тоа, бидејќи тоа беше навистина добро искуство и мислам дека како навивачи ќе работиме заедно. И кој знае во иднина можеби ќе имаме партнерство за развој на двата тима. Ми се допадна она што го видов и ќе кажам позитивни работи за ова место. Верувам дека може да соработуваме во бизнис ако се движиме напред. Во мојата земја ќе им кажам на луѓето дека ако сакате да имате одмор и сакате да вредат вашите пари на тој одмор, ова е местото каде што треба да одите“, изјави Стјуарт.

Пред извесен период во Охрид беше и познатиот поранешен англиски фудбалер Брајан Дин, а ваквите средби потврдуваат дека Воска Спорт станува клуб кој е атрактивен за странски инвестиции во фудбалот, инфраструктурата и бизнисот велат од охридскиот второлигаш.

„Градот Охрид преку пријателствата и контактите на фудбалскиот клуб Воска Спорт, поточно сопственикот Нефи Усеини, станува атрактивен за странски инвестиции во фудбалот, инфраструктурата и бизнисот. Сопственикот на англискиот тим кој настапува во Чемпионшип, Ротерам Јунајтед, Тони Стјуард, неколку дена беше во посета на сопственикот на ФК Воска Спорт, Нефи Усеини, притоа истражувајќи го градот Охрид и неговите туристички и спортски инфраструктурни капацитети, а останува отворена можноста за евентуална соработка во иднина. По познатиот поранешен англиски фудбалер Брајан Дин кој пред извесно време престојуваше во Охрид, сега доаѓањето на сопственикот на Ротерам Јунајтед, Тони Стјуарт ја прави Воска Спорт отворена адреса за можна соработка во иднина и сето тоа благодарение на заедничките пријатели на чело со Франческо Мурсели од Косово, кој живее и работи во Норвешка“, велат од Воска Спорт.