
Со свечено отворање на кино салата во Виница започнуваат активностите за одбележување на партонот на градот, Павловден. Утре со почеток од 20 часот официјално ќе започне со работа реконструираната кино сала која не беше во функција повеќе од две децении. Предвидена е проекција на документарен филм, како и монодрамата „Да се биде Македонец“ во изведба на Петар Темелковски. За оваа кино сала се потрошени над 19 милиони денари, пари од Буџетот на Општина Виница и Центарот за развој на Источно плански регион.
„Организираме повќе културни настани, а во петок свечено ќе се пушти новоотвораната реконструирана кино сала која повеќе од 20 години беше надвор од функција. Тоа ќе биде не само сала за проектирање на филмови туку може да се користи за повеќе намени од областа на културата.“ – вели Петков.
Низа настани се предвидени и за сабота 13 јули. Одбележувањето на патронот на град Виница започнува со утринска празнична литургија, а предвидени се изложба и културни настани за сите генерации.
„На 13 јули во сабота во раните утрински часови се почнува со утринска литургија во храмот „Свети Архангел Михаил“, потоа продолжува со литија. Исто така имаме културни настани за сите генерации, изложба и слично“ – додава Петков.
Градоначалникот Петков ги покани сите граѓани на Виница, но и регионот да бидат дел од настаните и да уживаат во одбележувањето на празникот.
Лаура Стојанова М-Нет