Со свечена Академија одбележан Денот на учителот – 5 Октомври во Штип

Со доделување признанија за наставниците и свечена Академија денеска во Штип се одбележа Денот на учителот – 5 октомври. Настанот е традиционален и се одржува секоја година по ред, со цел да се покаже значењето и вредноста на наставникот во самото општество. Тенденција е образованието да добие поголем акцент во иднина во заедницата бидејќи е од огромно значење.

„Сакаме да одадеме признание и почит на сите наставници кои во воспитно образовниот процес работат одговорно, посветено и креираат нови, млади, идни генерации. Со својата работа наставниците преставуваат мотивација на учениците, но и испирација за нивна понатамошна работа за нивниот живот да го креираат и да креираат една своја иднина во нашата држава. Се надеваме дека во иднина образованието ќе добие уште поголем акцент во нашата заедница бидејќи значењето за образованието во една држава е навистина огромно“ – вели Санева.

Ванѓа Манева е одделенски наставник во ООУ „Тошо Арсов“ Штип. Таа го доби признанието наставник на годината. Како што вели задоволството за неа е големо, но огромни се и предизвиците со кои се соочуваат наставниците секојдневно.

„Предизвиците на наставникот се многубројни, секој ден имаме нови предизвици, секој час, секоја учебна година предизвиците се различни. Мојот најголем предизвик како учител преставува од секоја генерација да успеам да изградам зрели личности на нашето општество.“ – вели Манева.

Дополнително за подобрување на условите во образованието помага и општината, во уредување на училиштата, подобрување на инфраструктурата и слично.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет