Со пресна погача и свеќа во рака, верниот народ ја празнува Пречиста Богородица

Со пресна погача и свеќа во рака верниците денес ја празнуваат Пречиста Богородица, или ден уште познат и како Воведение на Пресвета Богородица во храмот во Ерусалим. Верниот народ уште од рано утрово се упати во црквите во Штип, за да оддадат почит на овој голем празник кон мајката Божја Богородица, кој има длабоко значење во христовата вера. Тие ја нарекуваат и брзопослушница, бидејќи како што велат секојдненво таа ги услишува нивните молитиви и ги пренесува на нејзиниот син и спасител на светот Господ Исус Христос, синот Божји. И оваа година достојно со длабока почит, верниците поскаа само здравје, мир на душата и радост во срцето.

Инаку, според црковното предание, праведните Јоаким и Ана, по долгата молитва за рожба, ветиле на Бога дека своето дете ќе му го посветат на служба. Кога Марија наполнила три години, тие ја повеле од Назарет кон Ерусалим во свечена поворка, предводена од девојчиња во бело и придружувана – како што вели преданието – и од ангели.

На влезот од храмот ја пречекал првосвештеникот Захарие и, на општо изненадување, ја внел малата Марија во најсветиот дел – Светињата на светиите. Токму овој чин е основата за денешниот празник, што Црквата го востановила во спомен на воведувањето на Пресветата Богородица во храмот.

Иван Митев, М-Нет