
Отстранување на таблите во Малешевијата на кои пишува Северна се првиот проект на кандидатот за градоначаник на Берово од партијата Родина, Горанчо Костевски. Освен ова, тој додаде и низа други проекти како што се отворање на јавни тоалети, но и подобрување на животот на младите со цел да не се иселуваат од Берово и Малешевијата. Масовното селење на младите е и една од причините поради која Костевски се кандидираше за градоначалник на Берово.
„За да можеме да ги задржиме младите, за да ги вратиме тешко. Главната од моите ставки во изборната кампања е поништување на Преспанскиот договор со отстранување на натписите во Малешевијата секаде каде што пишува „Северна“. Поставување на сонцето на Александар Македонски во Општината и изгласување за користење на општинско ниво, забрана за двојазичност. Потоа, имам уште неколку важни точки. Промена на сообраќајните знаци на ул. „Партизанска“ кај Калипсо и кај полицијата со „Маршал Тито“. Таму има катастрофално поставување на знаци и тоа мора да се промени. Во градот немаме ни еден јавен тоалет, планирани се два тоалета. Друго нешто е пешачка патека од Берово до браната, немаме, а таму се вози брзо. Давање на концесија на караулата Клепало“, истакна Костевски.
Промена на споменикот на бранителите, како и враќање на кујната во осмолетката кај децата се исто така во програмата на Костевски. Во оваа прилика тој истакна дека не е задоволен од кампањата на политичките партии, бидејќи се користеле доста закани. Исто така, посочи дека настапува сам и со мал буџет.
„Јас на овие избори одам со околу 100 до 200 евра и сум сам. Првиот пат имав двојца – тројца до мене, кои се исплашија и сега сум сам, па решив да одам со снимање и критикување на опозицијата за сите грешки кои ги направија“, додаде тој.
Костевски ги охрабри граѓаните да не се плашат и да излезат на 17 октомври и да го заопкружат бројот кој спред нив заслужува поддршка.
Ребека Спасова МНет