Со есенската потрошувачка кошничка едно просечно семејство заштедува до 1500 денари

Со помош на есенската потрошувачка кошничка едно просечно македонско семејство штеди од илјада до 1500 денари месечно – истакна денеска од Штип, заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Ако на ова се додаде и училишната потрошувачка кошничка која е направена на стартот на учебната година, едно просечно семејство кое има ученик штеди од четири до пет илјади денари.

„Мислам дека се опфатени 73 групи и некаде околу 500 производи. Мислам дека има ефект од есенската кошничка, има намалување на цените по проценти во зависност од бруто профитната маржа, знаете дека беше ограничена на 10%, оние поризводи кои имале поголема бруто профитна маржа, навистина имаме пад на тие производи за 20, 30 па и повеќе посто. Поебно намалување има на млекото и млечните производи, сирење, кашкавал, месо, дел од овошјето, зеленчукот. Има и производи каде маржата била помала и помало е и намалувањето“ – вели Ристески.

Во однос на законот за нефер трговски практики, во регулирање на договорите меѓу добавувачите и произведувачите со купувачите, 26 практики треба да бидат исклучени од Законот. Комисијата за заштита на конкуренцијата врши контрола по што ќе следуваат и казни посочи Ристески.

„Зголемен е бројот на членови кој во еден дел ќе ги контролираат договорите, а во другиот дел ќе ги спорведуваат и казните. До Нова Година ќе пратиме ситуација на терен, дали се почитува Законот, а потоа ќе следуваат и казни кои не се мали и изнесуваат и до 20 илјади евра за трговците на мало“ – вели Ристески.

Во оваа прилика тој апелираше да се почитуваат одлуките и законот, и додаде дека индиректно до Нова година ќе има и дополнително намалување на цените на производите.

Лаура Стојанова М-Нет