Со автомобил до влезот на ОУ ,,Ванчо Прке” Штип: Родител ја остави ќерката во зона каде возила не смеат да сообраќаат

Утринава поројниот дожд што го зафати Штип донесе и една сцена која предизвика реакции кај граѓаните и родителите. Пред влезот на ООУ „Ванчо Прке“ во Штип, родител со автомобил ја донел и ја оставил својата ќерка, ученичка во училиштето, буквално пред вратата на образовната установа.
Иако временските услови беа неповолни, а дождот паѓаше со силен интензитет, фотографијата покажува дека возилото било внесено во просторот пред училиштето, кој е предвиден за пешаци и претставува зона во која не е дозволено движење и паркирање на автомобили.

Настанот повторно ја отвора дилемата за почитувањето на сообраќајните правила во близина на училиштата и безбедноста на учениците. Токму ваквите пешачки зони се наменети да обезбедат сигурен пристап за децата, особено во периодите кога пристигнуваат и си заминуваат од наставата.
Додека дел од родителите сметаат дека временските неприлики биле причина за ваквиот потег, други предупредуваат дека правилата мора да важат подеднакво за сите и дека безбедноста на учениците не смее да биде доведена во прашање, без разлика на временските услови.
Фотографиите се направени утринава за време на поројниот дожд во Штип, а граѓаните бараат поголема контрола и почитување на забраната за движење на возила во училишните зони.