
Со 100 килограми крап е порибен ревирот Брегалница – Штипски. Акцијата ја спроведе Здружението на спортски риболовци „Брегалнички рибар“ од Штип, со цел обновување и зголемување на рибниот фонд во реката. Во водите на Брегалница се пуштени млади единки крап, со тежина од 100 до 300 грама. Со оваа активност се очекува да се зголеми бројот на риби и да се придонесе кон зачувување и одржување на рибната популација.
По извршеното порибување, од здружението информираат дека се воведува двомесечна забрана за ловење крап на Штипскиот ревир. Забраната има за цел да им овозможи на новопуштените единки да се приспособат на природните услови и да продолжат со својот развој, без дополнителен притисок од риболовот.
Од риболовците се очекува да ја почитуваат забраната и да придонесат кон зачувување на рибниот фонд, со оглед на тоа што ваквите акции се важни за одржување на рибната популација и за иднината на спортскиот риболов на Брегалница.
Ева Тушевска, М-Нет