
Следните денови треба да започне поставувањето на конструкцијата на спортскиот објект „Џексон“ во Штип. Како што посочи градоначалникот, Иван Јорданов, административните пречки се надминати и е продолжено со активностите на терен. Спортскиот центар „Џексон“ ќе обезбеди следење на спортски натпревари според ФИБА стандарди, ќе биде мултифункционлен и од големо значење за градот.
„Имавме одредени административни пречки, измени во тек на градба со цел да се подобри првично планираниот проект и од аспект на капацитетност и од аспект на содржина. Овие административни пречки веќе се надминати и веќе е започнато со продолжување на активностите. Очекувам следните недели да се почне со поставување на конструкцијата на спортскиот објект, спортски храм кој ќе има капацитет од илјада посетители и во кој ќе се одвиват неколку спортски дисциплини“ – вели Јорданов.
Спортско рекреативниот центар „Џексон“ треба да биде готов до крајот на годината, односно најголем дел од градежните активности треба да бидат завршени дотогаш.
„Динамиката за изградба на Џексон е предвидено да биде во 2025 година и верувам дека до крајот на годината, најголем дел од предвидени градежни активности ќе бидат завршени“ – додава Јорданов.
Спортско ректративниот центар Џексон ќе добие нови трибини, соблекувални, тоалети и се она што е неопходно за посакуавниот и најавен изглед.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет