Слаџана Ѓоргиева од Штип сука и продава домашни јуфки – 400 денари за килограм, традиција наследена од својата баба

39-годишната Слаџана Ѓоргиева од Штип од свои 10 години сука јуфки. Помагајќи и на својата баба во подготовката на јуфка, баница, тарана и баклава, и се родила љубовта кон тестото. И ден денес, таа ја продолжува оваа убава традиција сукајќи јуфки. Вели дека откако била дете, постојано била ангажирана во месење, сукање и работење со тесто.

,,Од баба ми, па негде отприлика околу 10 години да сум била. И помагав за јуфки, баници, тарана, баклави сукани и нели на младите останува. Тогај ние децата мора да научеме. И не само гледајќи ја, она не ангажираше во целата работа. Ќе ни даде и да замесеме и да сукаме и да направеме, е само печењето тогај не ни го е давала. Другото сѐ, како би она работила, така и ние“, рече Ѓоргиева

Ѓоргиева пред камерите на М-Нет ТВ, кажа дека за едно кора е потребно околу 10 минути, прво се сука, а потоа се поставува да се суши на сонце. Самата кора кога е готова, почнува да пука. На овие жешки температурите, таа вели дека кората е готова дури и за половина час,

,,Една кора, па околу 10 мин отприлика, сукаме и после ја постиламе, се суше на сонце, самата испука, тогај видеме кога е готова. Сега како што е топло одма испука, за пола саат, сега оставеме ги нели, денеска во текот на денот, ако има потреба и утре ги изнесам на сонце да се исушат убаво, оти треба да биде исушена нели, за зимо е”, додава Ѓоргиева

Ѓоргиева вели за јуфката потребни се јајца, брашно, сол и млеко. Тестото мора да биде добро замесено за да може да се обработува и кората да биде колку што е можно потенка. Потоа тестото се дели на 30 топчиња, и од нив се прават 30 кори. Таа додава дека јајцата и млекото се домашни, јуфката ќе биде пожолта и поубава,

,,За јуфката ни треба јајца, брашно и млеко, додава се малку сол, е сега става се 30 јајца, јас ставам домашни јајца, од тоа се прават 30 кори, делеме на 30 топчиња, тестото мора да одморе за да почнеме да сукаме, да не е ни многу меко, да не е ни многу тврдо, за да може да се сука, млеко се става по потреба. Пожелно е јајцата да се домашни, за да биде јуфката пожолта, поубава, поквалитетна, да се пресни, ако се најде и млеко домашно уште подобро. Мора да се умесе убаво, оти тоа е тешко тесто, ако не го обработеш, ако не го замесеш убаво, ќе има грутки и нема да може да се растрга, ќе се познава на кората, нема да биде тоа тоа, треба да биде тенка кората, колку може потенка“, тврди Ѓоргиева

Ѓоргиева има доста побарувачка, вели една доза од 5 кг јуфка се продава по цена од 1500 ден, а 1 кг 400 ден. Ги сука сама и ако работи цел ден може да исука три дози.

,,Доста има побарувачка, од тие 30 јајца излеват како што кажаме, 30 кори, тоа е некаде 5 кг јуфка отприлика, како една доза. Кога е цела доза, тие 5 кг јуфки 1500 ден., а ако е на кило 400 ден. бидејќи нели растуре ми се дозата. Сама ги сукам, сама и денеска може да се осукат 10-15 кг, оти си сам, нели. Тоа се три дози, ако цел ден ги работеш. Треба да има и сонце, ако има месечина џабе е”, вели Ѓоргиева

Ѓоргиева додава дека покрај состојките, за јуфката да биде квалитетна мора да има сонце.

Ева Тушевска, М-Нет