
Со палење василичарски огнови, пита со паричка и годинава дел од граѓаните ќе празнуваат Стара Нова година и Василица. Некои празникот го имаат и како куќна слава, оние, пак, кои го носат името на свети Василиј Велики ќе го прослават својот именден. И понатаму овој празник е таков што има различни верувања и многу обичаи кои, генерално, имаат сличности, но во нијанси се разликуваат од едно до друго место. Празникот се смета за еден од најпразнуваните по Велигден, Божиќ и Водици, но сепак има граѓани кои и не го слават. Ова го покажуваат и одговорите на анкетираните штипјани.
На овој празник, слично како и на Бадник, се дели лепче со паричка. Теолозите велат дека причината за ова лежи токму во житието на свети Василиј. Тау пишува дека кога Василиј станал епископ кесариски, епархот од Кападокија имал обичај редовно да доаѓа во градот и да го ограбува, па во еден момент Василиј го собрал сиот накит и златници од луѓето, го пречекал епархот и му го понудил богатството. Епархот не прифатил, ниту го ограбил градот, а кога Василиј останал со сиот накит и златници, не знаејќи што кому му припаѓа, ги замолил готвачите да направат мали лепчиња и во секое лепче ставил малку накит и златници. Сепак, штипјани се повеќе наклонети кон тоа оваа традиција да се практикува за време на Бадник.
Стара Нова година, односно почетокот на православната година по јулијанскиот календар, покрај верниците на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, ја слават и Српската и Руската црква, Ерусалимската патријаршија и дел од Света Гора.
Ребека Спасова М-Нет