Складирањето на хаварисани возила сопствениците ќе ги чини од 150 до 300 денари на ден

Ценовник за складирање на хаварисани возила усвои Советот на Општина Штип во полза на ЈП „Стипион“. Ако возилото кое веќе не е во функција го оставите на некое од паркиралиштата на ЈП или друга јавна површина, па по налог се дислоцира, за складирањето ќе треба да платите од 150, па до 300 денари за ден. Како што велат од ЈП, целта е сопствениците да се поттикнат самите да ги отстранат возилата или да ги подигнат од просторот за складирање кога веќе за складирањето треба да плаќаат.

„Со измените и дополнувањето на одлуката за комунален ред на Општина Штип, објавени во Службен гласник бр. 7 од 2022 година, надлежен субјект за преземање и чување на отстранети хаварисани возила е ЈП „Стипион 2011“. Поради ова, цените се утврдени во ценовникот на ЈП за складирање на хаварисани возила и други предмети и се следниве: за складирање на возила леки коли до 15 м2 зафатен простор цената ќе изнесува 150 денари за ден; за складирање на возила над 15 м2 со тежина од 3 до 5 тона цената ќе изнесува 200 денари; за складирање на возила над 5 тона цената ќе изнесува 300 денари на ден; за складирање на предмети по единица м3 зафатен простор цената ќе изнесува 10 денари на ден.“ – се вели во образложението од ЈП „Стипион“.

Инаку, во врска со овој проблем опомена и налог за отстранување пишува комуналната инспекција. Ако сопствениците не постапат по опомената во рок од осум дена, ЈП „Стипион“ по налогот го отстранува возилото и го носи на локацијата кај Новакова чешма. Со новиот ценовник за периодот во кој возилото ќе стои таму сопствениците ќе плаќаат на дневна основа. Во однос на отстранувањето, пак, пајак возилото се’ уште не е во функција, но оние кои не се во возна состојба ЈП ги отстранува со друга градежна механизација.

Иако советниците од советничката група на СДСМ на вчерашната седница реагираа на постојаното менување на ценовникот на ЈП „Стипион“ и сметаа дека одлуката е избрзана, истата се донесе со мнозинство гласови. Со 11 гласа „за“, 5 „против“ и 3 „воздржани“ Советот донесе одлука за давање согласност на ценовникот на ЈП „Стипион“ за определување цени на услуги за складирање на хаварисани возила и други предмети.

Ребека Спасова М-Нет