Ситуацијата со повредените од пожарот во Кочани алармантна, процесот за рехабилитација долг и болен

Повеќе од два месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ситуацијата со повредените и понатаму останува алармантна. Дел од нив се со отворени рани, друг дел дополнително треба да подлежат на пластична операција. Во кочанската болница заврши евалуацијата на состојбата на повредените, при што прегледани се над 110 пациенти. Но недостасува доволно кадар, на што алармираа од Супорт Кочани, а потврдија и од болницата. Иван Ивановски вели дека тие во фокус го ставаат собирањето финансиски средства за да може да им се помогне на повредените.

„Гледаме дека некои од децата се вратени и со отворени рани, некои имаат покомлицирани повреди, на некои дополнително ќе треба да и се прави пластична операција. Нашата кочанска болница не располага ниту со доволно кадар, ниту опрема. Најголем старв е да не се случи некои проблем кај повредените“ – вели Ивановски.

Процесот за рехабилитација е долг и може да трае и повеќе од две години. Во ваква ситуација повредените не можат да ги извршуваат основните обврски, ниту да се вратат на работа. Дури дел од семејствата мораат да напуштат од работа за да се грижат за повредените. За тоа сведочеа и дел од семејствата на повредените.

„Ситуацијата е многу тешка. Има деца со ампутирани раце, некои од нив треба да се третираат со години, за дел од нив лекарите вечат дека треба две, три, пет години постојано да одат додека да се рехабилитираат.“ – вели Ивановски.

На кочанските здравствени работници им помагаат лекари, физиотерапевти, инструметарки и од болницата од Штип. Процесот на лекување на повредните, кои се пред се млади луѓе ќе трае подолг временски период и ќе мора да внимаваат изгорениците на екстремитетите или на лицето да не изложуваат на сонце.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет