Синоќа беше отворено 25. издание на Меморијалниот турнир „Влатко Петров“ во Чардаклија, Штип

Синоќа со првите три натпревари започна меморијалниот турнир во мал фудбал „Влатко Петров“ кој се игра во штипска Чардаклија.

Пред започнувањето на натпреварувачкиот дел имаше церемонија за свечено отварање на турнирот, а свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, а меѓу присутните беше и семејството на Влатко Петров, неговите родители и најблиски.

„Најпрво да се заблагодарам на здружението на граѓани „Влатко Петров“ коешто здружение како организатори по 25 пат го организираат овој меморијален турнир, за прерано згаснатиот живот на херојот на нашиот сограѓанин Влатко. Оваа прилика ја користам да се заблагодарам на нив затоа што од година во година овој турнир го привлекува вниманието на спортската јавност, но и преку организација на овој турнир го чува од заборав името на херојот, којшто прерано згасна неговиот живот и загина во воениот конфликт. Ги поздравувам членовите на неговото семејство, неговите родители коишто вечерва се овде. Сум сигурен дека оваа традиција ќе продолжи и дека вечно со нас ќе живее херојот Влатко Петров. Посакувам да победат најдобрите и во оваа прилика со свирежот на судијата го прогласувам турнирот по 25 пат за отворен“, рече градоначалникот Јорданов.

Годинава на турнирот учествуваат 24 екипи, кои се поделени во шест групи по четири екипи.

Овој меморијален турнир важи за еден од најдобро организираните во државата, а на кој учество земаат екипи од цела Македонија. На првата вечер беа постигнати вкупно 30 погодоци, еден неизвесен меч, едно реми и една убедлива победа од 11:5.

Вечерва продолжуваат возбудувањата со нови три натпревари, а големото финале е закажано на 2 август.

Александар Ванев, М-Нет