Се поврзува населбата Пребег со новата обиколница, за пет до десет години овде се предвидува нова населба

Со активностите на терен започна поврзувањето на населбата Пребег со новата обиколница. На ваков начин ќе се овозможи поврзување со населбите Железничка и Плуждино, а дополнително и урбанизирање и модернизирање на населбата Пребег. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, истакна дека обиколницата треба да биде готова до крајот на оваа година.

„Станува збор за инвестиција нешто повеќе од седум милиони денари за изградба на сообраќајница во должина од околу 700 метри која во наредните недели ќе се работи и ќе биде завршена со изградба на кружен тек на сообраќајницата. Имајќи во предвид дека се работи на некогашната главна депонија, овој потег не е достапен па јавноста нема увид како се движи изградбата на обиколницата, но она што можам да го најавам е дека до крајот на годината оваа обиколница ќе биде завршена.“ – вели Јорданов.

Во наредните пет до десет години овде се предвидува и нова населба, имајќи во предвид дека согласно ДУП ќе се градат индиивидуални куќи и колективни единици за домување.

„Освен две колективни станбени згради кои во овој момент се издадени да бидат изградени, а со тоа и доселување на нови жители, урбанизирање на населба Пребег. Оваа населба ќе биде едно сврзно ткиво со идните населби кои ќе се градат долж сообраќајницата. Согласно ДУП покрај оваа сообраќајница која денес се гради, се предвидени стотина индивидуални куќи кои ќе бидат изградени, но се носи и ДУП за изградба на колективни единици за домување“ – додава Јорданов.

Во меѓувреме освен на овој потег во населба Пребег, се работи и на изградбата на новиот кружен тек на булеварот Партизанска. Со забрзаната динамика на работа се очекува во наредниот период целосно да бидат завршени активностите на булеварот Партизанска.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет