Седум полициски службеници од Штип и Кочани помагале дискотеката да добие лиценца за работа

Седум полициски службеници од Штип и Кочани помагале на дискотеката во Кочани да добие лиценца за работа. Како што истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошкоски, како службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивни мислења помогнале дискотеката да работи како кебаре во супстандардни услови.

„Првиот како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделение за полиција при СВР Штип и вториот како самостоен инспектор за планирање резервна превенција и справување со кризни сосотојби констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита и јавен ред и мир и во делот на сообраќај. Третиот како началник на Одделение за полиција при СВР Штип и четвртиот како началник на СВР Штип одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови и со тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја дадат и извадат позитивната согласност сториле незаконитост. Петиот како документарист изработил телеграма во која не навел целосни и точни податоци дека во кабарето нема пријавени нарушувања на јавен ред и мир. Шестиот заменик командир и седмиот како началник на ОВР Кочани знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир телеграмата ја одобриле и потпишале“ – вели Тошкоски.

Досега мерка притвор е определено за вкупно 26 лица, кажа Тошкоски, додавајќи дека одговорност ќе има.

„Досега има определено мерка притвор за 18 лица. А освен овие седумина, пред судија на претходна постапка ќе биде изведено уште едно лице по наредба на надлежен Јавен Обвинител коешто е поврзано со овој акт, а притоа е од раководните лица и во овој момент во Министерството за економија“ – додава Тошкоски.

На денешната пред конференција тој посочи дека истрагата нема да застане овде на 26 осомничени лица, туку дека ќе одговара секој оној кој е виновен за несреќата во Кочани.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет