
Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип да го носи името на великанот Ацо Шопов. Ова како идеја веќе постои, ама се работи на решавање на правните пречки за да може истата да се реализира. Деканката на Филолошкиот факултет при УГД, Луси Караниколова-Чочоровска вели дека додека е на местото декан ќе се ангажира оваа идеја да се реализира.
„Тоа е многу добра идеја, иницијатива постои, не знам дали ќе може да се оставри од правна причина затоа што УГД е интегриран универзитет. Многу добро е ако може Филолошкиот факултет да носи име на еден штипјанец. Од моја страна како декан додека ми трае мандатот, веќе сум се обратила конкретно за оваа работа“, вели Караниколова-Чочоровска.
За реализација на идејата согласен е и ректорот, Дејан Мираковски. Потенцира дека веќе се дискутира на таа тема и се работи на надминување на правните пречки. Додава дека Филолошкиот факултет треба да го носи името на Шопов.
„Имаше, се дискутира уште на таа тема така да треба да се разгледаат правите аспекти, бидејќи ние сме интегриран универзитет, јас немам забелешка доколку еден ваков истакнат поет биде партон, односно неговото име биде на местото на Филолошкиот факултет“, додава Мираковски.
Инаку, сите факултети во Штип функционираат во единство под Универзитетот „Гоце Делчев“, па доколку би се реализирала оваа идеја, Филолошкиот ќе биде единствен со сопствено име. На УКИМ, пак, Филолошкиот факултет го носи името на Блаже Конески.
Ребека Спасова М-Нет