
Започнаа активностите на терен во новопланираната населба веднаш до населбата Три Чешми во Штип. Се работи на подземната инфраструктура, односно на поставување водоводна и канализациона мрежа, како и трасирање на постоечките три улици. Со ова практично ќе се овозможи оттуѓување на парцелите на кои е предвидено да градат куќи за домување.
„Од денес започнати се активности во новопланираната населба веднаш до Три Чешми. Овде е планирано изведба најпрво на комплетно нова водоводна и канализациона мрежа и трасирање на постоечките три улици. Веќе во тек се постапки, десет парцели што во следниот период ќе се оттуаѓат, а планираната населба опфаќа повеќе од 80 плацеви за индивидуално домување – куќи.“ – вели Јорданов.
За инфраструктурата во Три Чешми и викенд населбата Плуждино се издвоени 22 милиони денари, пари од Министерството за транспорт и врски. Освен во Три Чешми ќе започнат активностите и за создавање нова населба меѓу Сењак 4 и Баби.
„Вкупната инвестиција по однос на подземната инфраструктура на водоводо и канализација, вклучувајќи ја и викенд населбата Плуждино изнесува 22 милиони денари. Очекувам во наредните месеци, да се финализираат, да се завршат овие активности и со тоа да се создадат услови за парцелите кои ќе бидат оттуѓени од страна на општината.“ – додава Јорданов.
Инаку, Општина Штип ги продаде првите десет парцели во Три Чешми, а објави повик за оттуѓување уште на десет. Пријавувањето е во тек и трае до 28 април, а аукцијата ќе се одржи на 30 април. Првичната цена е 61 денар од метар квадратен.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет